Флоскули!
ИЛО ТРАЈКОВСКИ
Флоскулите се такви зборови кои создаваат стварност која постои само преку самите зборови. Нивната комуникациска функција е да ја замаглат вистинската стварност и да ја заменат со зборови без содржина. Флоскулите функционираат како фетиши
Ги има секакви: правни, политички, управни, здраворазумски. Присутни се во мислењето и дејствувањето на поучените и на помалку учените, на помоќните и на послабите. Еве неколку за илустрација. Во секојдневниот живот, на пример, често слушаме, а и препорачуваме дека „брзата кучка, слепи кутриња раѓа“, или дека „наведната глава, сабја не ја сече“.
Во јавниот и политичкиот говор употребата на зборот „флоскула“ како да зачести откако него во неколку наврати го употреби и претседателот Пендаровски. Во една прилика како флоскула ги означи таканаречените „лидерски средби кај претседателот“. Друг пат, критички предупреди дека „правната држава и владеењето на правото не смеат да бидат празна флоскула“. Веројатно по инерција на тоа, еден активист ќе го нарече самиот Пендаровски „човек флоксула“! Претпоставувам дека причината за тоа не е одбрана вистинската општествена природа на институтите правната држава, владеењето на правото или лидерски средби, туку сознанието дека самиот збор „флоскула“ има силна симболичка моќ.
А зборовите се навистина моќни инструменти. Човекот е, пред сѐ, комуникативно суштество, суштество кое зборува, а судејќи по масовноста на мобилните телефони би рекле и зборлесто суштество – суштество кое сака да зборува за да зборува, а не само за да каже нешто. Да, тоа треба да јаде, пие, спие, да ги задоволува своите базични потреби. Но ниту една од нив не ја прави без зборови или други симболи со кои комуницира со другите и со опкружувањето. Затоа и библијата вели: „Уште на почетокот постоеше Зборот. Зборот беше со Бог и Зборот беше Бог… Сѐ што постои беше создадено преку Зборот. Не постои ништо создадено, кое не беше создадено преку Зборот! И самиот живот беше во Зборот, и тој живот им дава светлина на луѓето“.
Флоскулите се потврда за огромната важноста на зборовите за општествениот живот на луѓето. Зборовите се зборови, значи моќни комуникациски средства дури и кога тие се празни – кога се флоскули. Историјата на значењето на овој збор покажува колку еден ист збор може да се значи тотално различно па дури и спротивно нешто. Етимолошки, зборот флоскула, кај нас како и во други јазици, доаѓа од латинскиот збор flosculus со значење на цветче, во смисла на деминутив од цвет. Значи оригинално флоскула е убав збор кој ја краси реченицата. Денес, пак, флоскула, во сите јазици има негативно, пежоративно значење – празен збор, празен израз.
Работата е во тоа што дури и празни зборовите, зборовните изрази како фразите, на пример, се творечки. Тие создаваат стварност, поточно тие ги покренуваат луѓето да создаваат, да прават работи, да преземаат дејствија. Флоскулите се такви зборови кои создаваат стварност која постои само преку самите зборови. Тие се негативна потврда на библиски реченото дека зборот е бог, дека зборот е стварност. Нивната комуникациска функција е да ја замаглат вистинската стварност и да ја заменат со зборови без содржина. Флоскулите функционираат како фетиши, тие ја фетишизираат стварноста. Тоа значи дека не е стварноста таа која е важна која постои, туку зборовите.
Со реченото треба да биде полесно да го објаснам проблемот со здраворазумските флоскули споменати на почетокот. Многу пати ни препорачале да не избрзуваме во правењето на некои работи оти, нели „брзата кучка слепи кучиња раѓала“ или да не дигаме глава, односно да не се буниме против неправдите оти „наведната глава сабја не ја сечела“. Но, настрана од димната завеса која ја создаваат овие и на нив слични флоскули, вистината, стварноста е сосема спротивна. Сите кучки, а не само брзите, слепи кутриња раѓаат. И наведнатата, а не исправената глава, наместена е баш за сабја да ја пресече! И во едниот и во другиот случај флоскулите покренуваат на конформистичко однесување, на премолчено прифаќање на работите такви какви што се, без бранување, без побуна.
Со слична општествена функција денес во јавниот говор функционираат бројни зборови флоскули. На пример, фразата „истакнати правници“ која е и законски институт не значи ништо конкретно и, поради тоа, значи сѐ и сешто! Затоа ваквите зборови се флоскули – празни места чија содржина зависи од волјата и убедувачката моќ на пополнувачот! Мојот интерес за оваа појава датира уште од постдипломските студии по социологија кога се запознавав со некои од критичките теории за јазикот. Но, оваа колумна има многу конкретен и свеж повод. Пред некој ден, Министерството за правда (МП) ме почести со одговор на моето барање за слободен пристап до информации од јавен карактер. Претходно, повикувајќи се на Законот побарав информација за составот на работната група која Министерството за правда ја формираше за работа на измени на Изборниот законик. Информацијата ми беше потребна за аналитички цели, а ја побарав врз основа на легитимна претпоставка дека измените на Изборниот законик се многу важно прашање и процес на креирање на јавни политики кои влијаат врз многу сфери на општествениот живот и на развојот на нашето општество. Сметав и сметам дека во тој процес треба да се вклучат максимум расположливи ресурси на општеството без партиска дренажа. Затоа и прашав каков е составот (бројот, образовниот и професионален профил, институционалната приврзаност и етничката и партиската припадност) на членовите и начинот на кој се регрутирале членовите на работната група.
Сметам дека ова се легитимни прашања од јавен интерес не само за оваа туку и за другите работни групи кои се формираат по различните министерства и други органи на јавната власт. Знам дека работните групи не се законодавни инстанци и дека многу често тоа што тие го предлагаат како работен документ не се озаконува во целост. Но тие ги поставуваат рамките на идните законски решенија, а со тоа и последователните јавни политики. Затоа е важно како се регрутираат членовите на ваквите тела.
Во одговорот на неколкуте прашања во врска со оваа тема Министерството за правда навремено ми достави одговор кој изобилува со флоскули – зборови кои не кажуваат ништо, а делуваат убаво, законски, правнички па дури и либерално демократски! Од шесте информации кои ги побарав добив одговор само за една – тоа дека комисијата брои 26 членови. Сите други прашања се покриваат со две флоскули: членовите се „од релевантни институции и организации“ и „Министерството не располага“, а всушност сака да рече дека не дава податоци за тоа кои институции ги смета за релевантни и врз кои критериуми, ниту пак дава информации за образовниот и професионален профил ниту за институционалната или партиската приврзаност на членовите.
Во овој случај, споменатите флоскули служат за покривање на еден формалистички однос кон законската обврска за споделување на информации од јавен карактер. А тоа е така затоа што стварниот процес на регрутација на членови на ова, но и на многу други работни тела се вршел и се врши на нетранспарентен начин и ситно сметкаџиски. Јавноста формално не знае кои се членовите и тие како такви немаат никаква одговорност за донесените законски или друг вид решенија. За нив се дознава само ако се случи некој краток спој, како што беше неодамнешниот со концептот за реформа на основното и средното образование.
Овие работни тела се исклучително значајни алки во креирањето на јавните политики. Затоа е важно да се изградат јавно прифатени и познати критериум при регрутацијата на кадрите.
(Ило Трајковски е универзитетски професор)