ФК Тетекс се жали до ФФМ, велат дека постојано се соочуваат со судиски неправди
Фудбалскиот клуб Тетекс од Тетово упати отворено писмо до Фудбалската федерација и до пошироката јавност реагирајќи на одлуките на судиите во текот на полусезоната. Револтирани се што нема анализа на работата на судиите, која ја оценуваат како неправедна.
-Оставивме простор за да направите судиска анализа на вашите таканаречени судии за последното коло, кое за жал не се случи и повторно е на штета на нас клубовите. Зошто сè уште нема судиска анализа за последното коло од првата и втората македонска фудбалска лига? Дали сте свесни, покрај тоа што ништо не помагате во фудбалот во и онака катастрофалната ситуација, свесно со вакви потези сте соучесници со судиите и поради тоа константно се случуваат овие неправди, велат од ФК Тетекс.
Бараат некој да преземе одговорност за неправдите наместо тоа што оштетените клубови ќе добијат извинување кое, велат, никако не е од полза и исправање на неправдата.
-Доколку нема казни, односно овој случај биде заташкан иако има од контролорот изнапишано четиво од нашиот натпревар против Башкими, поради неговите катастрофални одлуки, ќе бидеме приморани да се заштитиме на наш начин и да го покажеме другото лице на преостанатите натпревари кои само вие ќе бидете виновници, потенцираат од ФК Тетекс барајќи од ФФМ „да се реши еднаш засекогаш овој проблем“.