Фирмата управител на кулите „Џевахир Скај сити“ ја демантира Општина Аеродром


Фото: Б. Грданоски

 

Фирмата управител на кулите „Џевахир Скај сити“ реагира на информацијата која што вчера беше испратена од Општина Аеродром и беше објавена од повеќе медиуми.

Во реакцијата стои дека „Друштво за трговија и услуги ‘СЕ Клуб фасилити менаџмент сервис’ ДОО Скопје  преку својот полномошник адвокат Мери Васоска од Скопје, категорично го отфрла како невистинит дел од насловот на веста: ‘Општина Аеродром ја санкционираше фирмата што ги остави жителите на Џевахир без струја’“.

Од таму појаснуваат дека изречената парична санкција во прекршочната постапка од страна на инспекторатот за домување на општина Аеродром, се однесувала на начинот на фактурирање и наплата на трошоците за одржување од страна на станарите.

Од фирмата сметаат дека делот од насловот „фирмата што ги остави жителите на Џевахир без струја“ е „апсолутна невистина и ја доведува јавноста во заблуда, креирајќи слика за вина на правното лице „СЕ Клуб фасилити менаџмент сервис“ ДОО Скопје, дека поради негово непостапување и неажурно подмирување на фактурите за електрична енергија станарите биле оставени без струја, и дека поради тоа против правното лице е поведена прекршочна постапка и е изречена парична санкција“.

Во подолгата реакција тие објаснуваат дека како фирма управител редовно ги уплаќале тековните трошоци во име на станарите за заедничките простории, како и дека долгот поради кои била исклучена електричната енергија во кулите во комплексот „Џевахир Скај сити“ се однесувала на потрошена електрична енергија за греење, ладење и топла вода во посебните делови (становите) во кула А и кула Б односно за ВРВ системот, а не за заедничките простории.

Инаку, во информацијата која што Општина Аеродром ја проследи вчера до медиумите, а која што е објавена и на Фејсбук страницата на Општината никаде не стои името на фирмата. Од Општината посочија дека „инспекторот за домување извршил вонреден надзор при што утврдил неправилности во работењето на фирмата во делот на почитување на Законот за домување и го задолжил правното лице во одреден временски период да ги отстрани утврдените неправилности“, како и дека „општинскиот инспекторат спроведе прекршочна постапка и изрече парична санкција за правниот субјект“.