Финансиската полиција претресуваше во Липково, Куманово и Желино – лишени од слобода седум лица


Фото: Б. Грданоски

По двегодишна опсежна предистражна постапка Управата за финансиска полиција спроведе акција во која беа извршени претреси на повеќе локации на подрачјето на општина Липково, Куманово и Желино.

-Се работи за сложена предистрага која опфаќа повеќе правни и физички лица, а целта е целосно разоткривање на криминална група која дејстувала подолг временски период и имала за цел вршење на кривичните дела “Злосторничко здружување” од член 394 од КЗ на РСМ, “Даночно затајување” од чл.279 од КЗ на РСМ, “Даночна Измама” од чл.279-а од КЗ на РСМ и “Перење пари и други приноси од казниво дело” од чл.273 од КЗ на РСМ, со намера организаторите и припадниците на групата да се стекнат со противправна имотна корист во висина од над четиристотини триесет милиони денари (околу седум милиони евра), со што е предизвикана огромна штета на буџетот на Република Македонија.

По налог на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во акцијата со асистенција на САЕ “Тигар”од слобода се лишени 7 лица и истите се изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд, а едно лице не е достапно на органите на прогонот, стои во соопштението на Финансиската полиција.