Се работи за голем коруптивен случај, велат од Финансиска полиција за претресите во повеќе домови


 

Управата за финансиска полиција соопшти дека дека претресот не е извршен во домот на пратеникот Јован Јаулески пд ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак  кај некој друг претставник на политичка партија, туку се однесува на вработени ЕВН Електрани Mакедонија ДООЕЛ Скопје и ЕВН Македонија АД Скопје и бара Управата да не се злоупотребува за политички цели.

„Целосно ги демантираме и отфрламе изјавите на пратеникот Јован Јаулески дека претресот е извршен кај него дома, ниту пак кај некој друг претставник на политичка партија. Предистражната постапка се однесува на вработени лица во ЕВН Електрани Mакедонија ДООЕЛ Скопје и ЕВН Македонија АД Скопје“, истакнуваат од Управата во пишано соопштение до медиумите.

Финансиската полиција, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје врши проверки во рамки на предистражна постапка, а по претходно добиени сознанија за извршени сомнителните трансакции на парични средства помеѓу ЕВН Електрани Македонија ДООЕЛ Скопје и повеќе физички лица.

„Во рамките на предистражната постапка, а по претходно обезбедени наредби од надлежните судови, во текот на денешниот ден беше извршен претрес кај повеќе физички лица на територија на Град Скопје и Делчево, меѓу кои вработени лица во ЕВН Електрани ДООЕЛ Скопје и ЕВН Македонија АД Скопје, а со цел пронаоѓање на докази во насока на ефикасно водење на предистражната постапка и докажување на основите на сомнение за сторени кривични дела“, соопшти Управата за финансиска полиција.

Таткото на пратеникот е вработен како раководител на Секторот за јавни набавки во ЕВН. 

ВМРО-ДПМНЕ со соопштение реагираше дека ваква акција на денот на гласање за доверба на влада „значи само дека режимот на Зоран Заев е очаен, во распаѓање и не одбира средства за притисоци и уцени врз пратениците. Таквите методи својствени за Чаушеску ќе бидат жестоко поразени“

Се огласи и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, на Фејсбук со закана – „Не знаете што ве чека“.