Филмови на Кјешловски во ноемвриската програма на Кинотека


Ноемвриската програма на Кинотеката нуди десет филмови на славниот полски режисер Кшиштоф Кјешловски кои ќе бидат прикажани во рамки на „Недела на полски филм: Светот на Кшиштоф Кјешловски“ од 25 ноември до 4 декември.

Од неговата рана полска фаза, кога го инкорпорира документаризмот во играниот филм, па сè до неговите последни три интернационални проекти (главно во француска продукција), познатата трилогија „Три бои“ (Сино; Бело; Црвено – како боите на француското знаме), двата долгометражни играни филма кои произлегоа од неговата ТВ серија „Декалог“: „Краток филм за убивањето“ и „Краток филм за љубовта“. Тука е и „Двојниот живот на Вероника“ – филм што ја интернационализира неговата успешна кариера. Смртта го спречи Кјешловски да реализира уште еден долгометражен игран филм од „Декалог“ – „Краткиот филм за љубомората“, како и трилогија со темата за пеколот, чистилиштето и рајот.

На програмата за ноември се и филмови на Милчо Манчевски по повод 25 години од успехот на неговиот филм „Пред дождот“ во Венеција и за неговиот 60-ти роденден. Филмофилите ќе имаат можност да ги видат „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“ на 35 мм филмска лента, како и претпоследниот негов филм „Бикини Мун“ снимен пред две години.

Ноември во Кинотеката нуди и Ретроспектива на фестивалот на дебитантски играни филмови „Киненова 2019“, преку проекциите на наградените филмови на годинашното издание.

Минипрограмата со германски филмови по повод денот на обединувањето донесува три одлични наслови: „Збогум Ленин!“ на Волфганг Бекер, „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс и горчливата комедија „Улицата Борнхолмер“ на Кристијан Швохоу. Од 21 ноември во Кинотека ќе има и Недела на шпански филм со програма која ќе опфати филмови од класичното дело на Фернандо Фернан Гомез – „Животот продолжува“ до остварувања од поновата продукција.