Филиповски: Популарната „Дупка“ ќе го задржи автентичниот изглед


Спортско – рекреативниот центар во Ново Лисиче, популарната „Дупка“ ќе го задржи својот автентичен изглед, ветува кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром од СДСМ, Александар Филиповски, наспроти плановите на неговиот опонент Тимчо Муцунски, да го покрие стадиончето. 

„Внатрешните простории беа обновени пред неколку години и како ново општинско раководство, ќе се грижиме за тековно одржување на овој спортски центар“, изјави Филиповски.

Инаку, ВМРО – ДПМНЕ и нивниот кандидат Тимчо Муцунски предвидуваат менување на изгледот на популарната „Дупка“, со што одат против интересите на локалното население, смета Филиповски.

„Овој дел е белег на Ново Лисиче. Симбол на маалскиот живот и јавен простор кој ги поврзува сите генерации. „Дупка“ останува отворен простор. Нема да дозволиме никакво покривање или негово затворање, затоа што граѓаните го паметат и го сакаат овој рекреативен центар токму во ваква состојба“, рече Филиповски.

На овој простор, во летниот период се организираат и културни настани. Кандидатот за градоначалник на СДСМ посочи дека уште повеќе ќе се користи овој центар, како за спортски турнири, театарски фестивали, така и за концерти, перформанси за млади и сл.

Вечерва, од 19 часот, СДСМ и коалицијата ќе организираат и граѓански собир на „Дупка“, каде што граѓаните од Ново Лисиче и овој дел од општината, ќе можат да ги слушнат проектите за развој на населбата.