Филиповски до Муцунски: Не знаеш што зборуваш

Кандидатот за градоначалник на Аеродорм од СДСМ, Александар Филиповски

Ветувањата на ВМРО – ДПМНЕ и Тимчо Муцунски за општина Аеродром се нереални, оцени противкандидатот од СДСМ Александар Филиповски. 

-Убаво звучи зелена површина од 100.000 м2, но за жал нема толку голем простор, со соодветната намена (заштитно/парковско зеленило) во општината. Има јавен простор за нов парк од 5.000 м2 и СДСМ тој парк ќе го направи, од „авиончето“ до последна „5 – ка“. Општината нема простор за 3.000 паркинг – места. Тоа е изградба на повеќе од 12 катни гаражи. Каде ќе се изнајде простор со соодветна намена за катни гаражи, а не треба да заборавиме дека една катна гаража е околу 700 илјади евра?! Муцунски, не знаете што зборувате, не го познавате Аеродром и немате контакт со реалност, истакна  Филиповски на дебатата со другите кандидати за градоначалници, која се одржа вечерва на јавниот сервис МРТВ.

Филиповски објасни дека проблемот со паркирање може да се намали со регулација на паркирањето и со изведба на 2 – 3 монтажни гаражи, на определени локации. 

Главен приоритет на СДСМ е зелената агенда и заштита на животната средина. Александар Филиповски истакна дека граѓаните од поруралните места, како Горно и Долно Лисиче ќе добијат субвенции за замена на нееколошките начини на греење. Исто така, претстои чистење и на дивите депонии, а јавните површини (сервисните улици, платоата и плочниците) ќе се мијат со цистерни.

Општината ќе го поддржи и алтернативниот превоз. Затоа ќе се изведе нова велосипедска инфраструктура – 20 километри нови вело – патеки, а ќе продолжат и субвенциите за велосипеди.