Филипче: Жално е што Владата воопшто не ги спроведува реформите за ЕУ

Жално е што реформите за ЕУ интеграциите Владата воопшто не ги спроведува. Да го искористиме времето и искуството на другите земји, за да исчекориме напред и да покажеме резултати во преговорите за членство во Европската Унија, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и претседавач со Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче.
На денешната работилница „Придонесот на Собранието во ЕУ преговорите“, организирана во рамки на проектот „Поддршка на Европската интеграција на Северна Македонија“, Филипче посочи дека Македонија нема друга иднина освен Европа, а Националниот совет за евроинтеграции треба да биде платформа која ќе се надградува со искуства од другите земји.
„Треба да учиме од туѓи грешки, од туѓи искуства и на тој начин да покажеме дека имаме некаква визија, имајќи предвид дека сме компатибилни како земји и со Црна Гора и со Албанија, коишто се сега неколку чекори пред нас, поради нивната посветеност, којашто ја покажаа во изминатите повеќе години, потврдувајќи ја визијата каде сакаат да ја видат својата земја во иднина“, рече Филипче.
На работилницата, Филипче нагласи дека е потребен политички консензус, особено во спроведувањето на реформите кои произлегуваат од преговарачката рамка.
„Барем во делот на спроведувањето на реформите, да покажеме некаков перформанс. Жално е што тоа не се случува во овој момент со доволна динамика, така како што треба да се случува. Се доцни со носењето на приоритетните закони од реформската агенда, пред сè од Министерството за правда. Меѓутоа, има еден добар, позитивен момент, имавме заеднички и надпартиски консензус во критиката на министерот за правда на минатиот состанок, од најголемите политички партии“, рече Филипче.