Филипче во Ѓорче Петров побара да се поддржи изградбата на клинички центар


 

Изградбата на новиот клинички центар во општината Ѓорче Петров ќе биде можност за граѓаните да добијат поттик за подобар и поквалитетен живот. Ова денеска им го порача на жителите на општината потпретседателот на СДСМ, Венко Филипчие при промоцијата на кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров Александар Наумоски и советничката листа на СДСМ и Коалицијата.

Ќе се гордееме со новиот најсовремен клинички центар во регионот на Западен Балкан благодарение на визионерството на градоначалникот на Ѓорче Петров Александар Наумоски, истакна Филипче, додавајќи дека овој проект ќе биде реализиран колку и да се обидува ВМРО ДПМНЕ да го кочи.

Тој порача дека нема иднина со луѓето што прават блокади, нема иднина со ВМРО-ДПМНЕ, нема иднина со луѓето што лекарите ги нарекуваат убијци, нема иднина со антиваксери и ксенофоби.

Претходно СДСМ го праша кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Стојкоски, дали ги поддржува блокадите на неговата партија за изградба на нов клинички центар во Ѓорче Петров.

„Дали Стојкоски како жител на Ѓорче Петров е против тој да се гради во Веле Поле како што се неговите сопартијци Владо Мисајловски и Бојан Стојаноски?“, соопшти СДСМ.