Филипче од Струга: Секој ден лоши економски податоци, со ВМРО-ДПМНЕ економијата бележи само пад

Филипче посочи дека Владата на ВМРО ДПМНЕ не исполни ниту едно ветување за подобрување на економијата и на животниот стандард на граѓаните.
„Христијан Мицкоски ветуваше дека македонската економија ќе била „балкански тигар“, ветуваше повисоки плати, повисоки пензии, нови вработувања. Што гледаме денес? Платите се топат, сметките за струја, за парно растат. Животот на граѓаните е претворен во секојдневни калкулации што да купат, дали да купат или да платат сметките, односно како да го преживеат месецот“, рече Филипче.
Тој додаде дека инфлацијата и натаму ја јаде куповната моќ, а ветената минимална плата од 500 евра сè уште не е реалност.
„Барањата за минимална плата од 500 евра остануваат неисполнети. Само за Мицкоски платите биле доволно високи. За неговиот пулен Трајко Славески оваа сегашна плата и таа била многу. Регионот веќе оди напред, државите преземаат мерки за да си ги заштитат граѓаните. Албанија најави минимална плата од 520 евра, ние останавме на 400 евра“, рече Филипче.
На трибината, Филипче посочи дека секојдневно економските параметри поради лошите политики на власта се негативни. Странските инвестиции се преполовени, статистиката регистрира пад на индустриското производство, за 2,6% е намален бројот на вработени во индустријата. Сето ова , како што кажа Филипче е доказ дека ВМРО ДПМНЕ ја доведе економијата до колапс, што е далеку од нивните ветувања. Со ВМРО ДПМНЕ и на локално и на централно ниво, државата нема иднина, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.