Филипче: Нема да има нови мерки


Фото: Б. Грданоски

По појавата на новиот сој корона вирус, омикрон, која брзо се шири низ светот, откако прв пат беше откриена во јужна Африка, Комисијата за заштита од болести во македонија, смета дека засега нема потреба од рестриктивни мерки.

– Стабилна е епидемиолошката ситуација и е разговарано за новиот сој кај нас. Сметам дека рестрикција од затворање на граници и карантинизирање на патници нема да даде ефект, зошто е веќе детектиран во европските земји и видовме дека кога ќе се појави нов сој, тој не може да се спречи, рече министерот за здарвство Венко Филипче на денешната прес конференцијата.

– Остануваме со овие мерки засега и ја следиме ситуацијата. Ова е нов сој и допрва ќе дознаваме информации, но од она што го знаеме, нема потреба од рестрикција, рече Филипче.

Неделната инциденца е за 5 проценти помала во однос на претходната недела, а тоа се чувствува, појасни Филипче, и по состојбата со слободни места во болниците. Актуелните мерки, вели министерот, се така димензионирани да, се штити и нашата земја, како и околните.

На утрешната владина седница ќе се разговара за новиот предлог на Комисијата, матичниот лекар да биде награден со 30 денари по пациент од вкупниот број пациенти запишани кај него, откако ќе надмине 70 отсто на вакцинација од вкупниот број пациенти.

– Опфатени се околу 1.500 матични лекари. Тоа би било еден бонус, кој ќе го добијат. Веќе разговарав со дел од колегите. Тие треба преку комуникација, апели, повици да ги убедат граѓаните да се вакцинираат. На влада ќе зборуваме за сите предложени мерки. Ќе биде поголем фокус. Матичните лекари имаат апсолутно право да ги мотивираат пациентите да се вакцинираат – рече ресорниот министер.