Филипче: Недостигаат околу 350 матични лекари, субвенции за специјализации за семејна медицина


Соочени сме со недостаток на лекари на примарно ниво во некои од регионите во земјата. Бројот на доктори кои недостасуваат сакаме да го надополниме преку субвенција на специјализација по специјалноста семејна медицина за секој млад доктор што ќе покаже интерес, на тој начин сакаме да имплементираме европски стандарди заради тоа што курикулумот на специјализацијата за семејна медицина е според стандардите во Европската Унија.
За ова информира министерот за здравство Венко Филипче денеска на одбележувањето на Денот на семејниот лекар во Медицинскиот факултет.
Тој вели дека 2020-та ќе биде година во која акцент ќе се стави на примарното здравство преку зголемување, интервенирање во надоместокот на плаќањето, но и во проверка и искористување на средствата се со цел, како што рече, тие да бидат добро искористени и доследно да се спроведуваат превентивните програми кај нашите граѓани.
– Во рамките на продобрувањето на примарната здравствена заштита сакаме да имплементираме уште неколку модели што ги препорача Светската здравствена организација, прво дозволување примарните лекари, односно нивните организации, да се групираат и на тој начин да бидат во можност да дадат услуга на што повеќе пациенти. Ова пред се важи за регионите каде што имаме недостаток на матични лекари и она што се уште го разговараме е решението кое сме многу блиску да го најдеме, а тоа е како да се префрлат пациентите кои заради одење на еден доктор во пензија на некој начин остануваат без матичен доктор, вели Филипче.
Тој информира дека вкупниот број на матични лекари кој недостига во нашата земја е околу 350. Вели дека младите лекари не се заинтересирани да работат како примарни лекари, а уште помалку се заинтересирани да специјализираат семејна медицина пред се, како што рече, поради тоа што е тоа сега достапно само како приватна специјализација.
– Сметаме дека со тоа што државата ќе ја субвенционира специјализацијата тие ќе сакаат прво да се едуцираат и да работат на примарно ниво на здравствена заштита. Дополнително сакаме да дозволиме во самите здравствени домови освен по моделот на концесионерство, како што е сега, да примиме лекари кои ќе бидат специјалисти по семејна медицина и ќе работат како матични лекари, ја преземаме како држава одговорноста да обезбедиме здравствена заштита на примарно ниво и покрај тоа што во некои региони во овој момент, согласно сегашниот модел, нема интерес докторите да работат како матични лекари, рече Филипче.
Координаторот на Центарот за семејна медицина, д-р Катарина Ставриќ информира дека 330 специјалисти по семејна медицина и 80 лекари се во процес на доедукација и специјализација. Таа вели дека бројката е мала имајќи во предвид дека околу 1.500 матични лекари работат на територија на државата.
– За да биде квалитетна примарната здравствена заштита потребно е и веќе се разговара и преговара за точно утврдување на компетенциите на лекарите кои работат во примарното ниво на здравствена заштита, во однос на препис на лекови, во однос на доупатувања кои веќе и со стручните здруженија ги разговараме и ги пренесуваме на соодветните институции со цел пронаоѓање на лесни патеки за движење на пациентот низ здравствениот систем. Потребно е прво да ги утврдиме компетенциите во однос на таа насока, а потоа да преговараме со Фондот за здравство, рече д-р Катерина Ковачевиќ, претседател на Здружението на лекари по општа и семејна медицина.