Филипче: Мицкоски слугува на елитите осиромашувајќи ги граѓаните

За Филипче одлуката на ДКСК за Христовски е скандалозна и ја повика министерката за образование да интервенира бидејќи факултет не може да се заврши за една година


 
Лидерот на  СДСМ, Венко Филипче, сумирајќи ги шесте месеци откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта, оцени дека не остварила ни 1 отсто од најавената програма што „фуриозно“ ќе ја спроведуваше, а место тоа со катастрофалните политики предизвикала огромна економска несигурност и пад на стандардот на граѓаните. Уште повеќе, Филипче смета дека актуелната влада им слугува на интересите на елитите и дека 99 отсто од граѓаните работат за еден отсто од елитите да профитираат. 

„По шест месеци, едно е сигурно – се чувствува голема економска несигурност и слабеење на стандардот на граѓаните. Сметките растат, цените растат, а Владата со лажни кошнички и измами се обидува да ги излаже луѓето дека со нешто им помага. Реалноста е сосема друга од таа што ни ја презентира Мицкоски, а граѓаните тоа најдобро го знаат кога ги отвораат паричниците. За жал, оваа Нова година тие ќе ја дочекаат многу поскромно и понесигурно“, порача Филипче, изнесувајќи практично факт што го призна сам вчера и премиерот Христијан Мицкоски најавувајќи уште една „робусна“ пресметка со незапирливиот раст на цените која никако да се случи. 

„Економските политики на Мицкоски се политики за елитата. 99% од граѓаните плаќаат за 1% од елитата на Мицкоски. Оваа потчинетост и слугување на своите бизнис партнери и на трговците е поразителна“, рече Филипче.

Дополнително, начинот на кој Владата се справува со покачувањето на цените и профитерството на трговците е доказ за неспособност и целосна незаинтересираност за благосостојбата на народот.

„Мицкоски лично дозволи трговците да печалат на маката на луѓето. Го слушам вчера вели срамота било тоа што го правеле трговците. Тој го договори токму ова со нив, тој им дозволи со недели да ги качуваат цените и молчеше додека сите ние алармиравме. Мицкоски лично рече дека со апели, а без казни ќе убедуваат трговците да го почитуваат договореното. Доцна е. Мицкоски ја префрла вината за овој дебакл и грабеж на трговците и глуми загрижен политичар. На оваа тема веќе никој не му верува,“ истакна Филипче.

Како дополнение на ова, Филипче спомена дека  во изминатите шест месеци минималната плата не порасна, а просечната плата стагнира. Уште повеќе тој рече дека Владата вчера го повлекла предлогот за функционерските плати со кои тие реално ќе се намалеа бидејќи не пресметала како што треба, а откако ја увидела грешката, поднела втор со кој нема да се случи тоа.  

,,ВМРО-ДПМНЕ целосно го напушти добро воспоставениот систем за раст на платите на СДСМ со кој ги пребродивме сите кризи. Замислете каква иронија, денес откако кризите се зад нас, се живее полошо од изминатите седум години кога поминавме три последователни економски кризи. Е толку е способноста на ВМРО-ДПМНЕ и толку се грижи за стандардот на граѓаните“, рече Филипче.

Според него, власта манифестирала огромна ароганција и покажала неспособност не само да одговори на потребите на луѓето туку и да препознае што е издржан предлог за доброто на граѓаните, макар тој доаѓал и од опозицијата.

,,Сите предложени мерки кои директно би го подобриле животот на нашите сограѓани – укинување на ДДВ за основните производи, зголемување на минималната плата, зголемување на платите власта ги одби со невидена тврдоглавост. Денеска граѓаните веќе ги чувствуваат последиците од нивните погрешни одлуки” порача Филипче.

Тој рече дека СДСМ останува на страната на граѓаните и ќе се бори против политиките што носат само пад на стандардот и зголемување на економската несигурност. Ги повика граѓаните да ја препознаат вистината и да се спротивстават на погубните политики на оваа Влада.

Зборувајќи за партизацијата, тој рече дека таа добила епидемиски размери откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт и дека реално ја заробуваат државата и клучните институции во судството и безбедноста. Според него, АНБ е веќе партиска институција на ВМРО-ДПМНЕ со поставувањето на целосно нелегитимниот директор без никакви квалификаци, а сите нови избрани судии откако е Мицкоски на власт се негов личен избор.

„Судии стануваат братучеди, партнери или сопружници на негови градоначалници. Во граѓанскиот совет на надзор на комуникациите се поставени луѓе кои имаат партиски книшки на ВМРО-ДПМНЕ во задниот џеб”, рече Филипче.

Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ посегнува по целосна партиска контрола на судството.

,,Јас уште по првите чекори на оваа Влада најавив дека ВМРО-МВРО се враќа. Но, вчерашната најава дека Владата планира да го распушти Судскиот совет, односно да разреши пет членови е чекор кон целосна контрола врз судството. Ова СДСМ нема да го дозволи, ова ќе значи газење на демократијата и враќање кон мрачните времиња на политички прогон. Овој потег на Владата е целосно спротивен на сите реформи и на она што Мицкоски го потпиша во Планот за раст пред само неколку месеци во Брисел. Реформите со ова ќе бидат фрлени на буниште и на сила ќе стапи целосна контрола и партизација на судството. Ја алармирам целата македонска и меѓународна јавност дека ова не смее да се дозволи. СДСМ остро ќе се спротистави на ова и ќе направи сѐ да не дојде до ова узрупирање на судската власт од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, посочи тој. 

Потоа им се обрати директно на граѓаните порачувајќи им дека партизацијата на институциите од страна на ВМРО-ДПМНЕ е директен удар врз секој од нив.

„Сакам сите да размислат, што ќе направите ако полицијата, наместо да ве заштити, служи за да ги заштити нивните интереси? Што ќе биде кога секој кој не е подобен на оваа власт ќе биде осудуван како во времето на режимот? Каква иднина оставаме, ако секој мора да носи партиска книшка за да добие шанса во државата? Тоа е режим и оваа влада чекори одлучно кон тоа“, заклучи Филипче.

Покрај партизацијата, додаде Филипче, во изминатите шест месеци јавниот простор е затруен со етнички теми и наративи на поделби. Таа стратегијата на ДУИ за подигање етнички тензии СДСМ тој остро ја осуди, оценувајќи дека таа најмногу му одговара на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините сателити во власта.

„Наводниот конфликт меѓу нив е всушност е љубовната кавга која ни ја сервираат како перманентна дестабилизација. Оваа политика има само една цел, да ги оттргне граѓаните да мислат на реалните проблеми. Ќе им се полнат главите со омраза и поделби додека им се празнат џебовите од страна на власта. Ќе се отвораат стари рани и стари прашања за граѓаните да гледаат назад наместо да гледаме напред. Но оваа политика, секогаш, порано или подоцна, е силно поразувана. Така ќе биде и овој пат, но се надевам дека многу порано граѓаните ќе го разберат тоа“, истакна Филипче на прес-конференцијата.

Околу одлуката на ДКСК да се прогласи за ненадлежна за сертификатот на Бојан Христовски од АНБ Филипче рече дека е скандалозна и го повика Инцпекцискиот совет како тело над Државниот просветен инспекторат да направи дополнителна проверка, а министерката за образование Весна Јаневска да не аминува одлука според која факултет може да се заврши за само една година.

За Филипче, Мицкоски и мегафоните само упорно се обидуваат да ја одржат во живот пропаганданата мантра СДС-ДУИ.

„Може слободно да ја прогласат за умрена“, рече Филипче. (С.Ј.)