Филипче ја обвини владата за колапс на земјоделството


Трибината на СДСМ во Кривогаштани

 

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на трибина во Кривогаштани, силно ја критикуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски за колапс во земјоделството и негрижата кон земјоделците.  

„Земјоделците, кои се гордоста на оваа земја, денес се понижени. Ветуваа дека ќе има сигурен откуп, фер цена, редовни субвенции. А што добија македонските земјоделци? Разочарување, додека гледаат како нивната мака и пот скапува по нивите”, порача Филипче.

Тој потенцираше дека пиперката ајварка денес се истура по улиците, поради ниската откупна цена и катастрофалните политики на власта, кои наредната година ќе доведат до рекордно најниско производство. 

„Владата на Мицкоски ветуваше 45 денари по килограм, а реалноста е само 20 денари. Но и тие 20 денари не ги плаќаат навреме. Жалосно е во срцето на Пелагонија, во место што е симбол на чесна работа, упорност и резултат, да се истура родот на улица, поради катастрофалните политики на ВМРО-ДПМНЕ”, рече тој. 

Филипче укажа дека само 30 отсто од субвенциите за минатата година се исплатени, а земјоделците што цела година работеле и вложувале, сè уште ги чекаат своите пари.

„И житото е оставено без поддршка. Го укинале и додатокот од 3 денари за килограм жито, а на сточарите им ги намалиле субвенциите – од 12.000 на 8.000 денари по грло добиток,“ рече Филипче, додавајќи дека ваквата влада мисли само на ПР и нарачани бројки, а не на реалните проблеми на луѓето.

Карванот на СДСМ беше и во општина Долнени.