Филипче: Аеродром не заслужува да изгледа како депонија, време е за промена со Александар Трајановски


Утрово пред ООУ „Лазо Ангеловски“

„Аеродром не заслужува да изгледа како депонија. Време е за промена и затоа нашиот кандидат е Александар Трајановски,“ изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, при денешната посета на општината заедно со кандидатот за градоначалник на Аеродром, д-р Александар Трајановски и кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова.

„Ѓубре насекаде, околу контејнерите, корпите искршени, ѓубре на зелените површини, за жал тие не искосени, ниту едно ветување неостварено. Прво, од страна на Тимчо Муцунски, кој што избега општината, понатаму на неговиот наследник Дејан Митевски за којшто стварно не знам како може да се кандидира и да ветува некакви работи, кога сега општината нема апсолутно никаква среденост, нема содржини за млади, нема нова урбана опрема. Старата е искршена, општината не личи буквално на ништо.“ додаде тој.

„Го предлагаме Александар Трајановски за кандидат за градоначалник, човек што има своја визија, кој што е докажан професионалец, што и да работел, дека знае да работи и да изменаџира, и верувам дека граѓаните на општината Аеродром тоа ќе го препознаат и ќе го дадат гласот и ќе има конечно, средена, чиста општина, така како што заслужуваат.“ потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

„Аеродром се соочува со сериозни инфраструктурни предизвици, сообраќаен метеж, недостиг од паркинг-простор и небезбедни пешачки и велосипедски патеки. Нашата програма нуди решенија, а не празни зборови.
 
Во соработка со Град Скопје ќе ја завршиме изградбата на булевар „АСНОМ“ и ќе обезбедиме нови коридори за поврзување со соседните општини, вклучително и нова сообраќајница меѓу Аеродром и Кисела Вода, како и реконструкција на улицата „Фрањо Клуз“ и нејзините краци.  
 
Дополнително, во секој дел од Аеродром планирани се локални реконструкции и проширувања: целосна реконструкција на споредни улици во Горно и Долно Лисиче, ново уредување на паркинг-просторите зад ТЦ „Скопјанка“ и ТЦ „Бисер“, како и во Ново Лисиче“, рече Трајановски. 
 
Најави реконструкција на сите сервисни улици со воведување „зона 30“, што ќе значи поголема безбедност за пешаците и велосипедистите, нови велосипедски патеки и воспоставување на нулта толеранција за паркирање на тротоари и пешачки патеки и поставување нови семафори кај сите училишта за максимална заштита на децата.