СДСМ ќе биде силен глас на граѓаните, новогодишна порака на Венко Филипче


 

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во новогодишото обраќање до граѓаните се навраќа на годината на поразот на изборите, за промената во во неа, за владеењето на новите власти и предизвиците за изднината.

Во својата порака Филипче, меѓу другото, вели:

„2024 година беше година на предизвици за СДСМ, година во која научивме многу и во која одлучно завртивме нов лист. Изборниот пораз не беше само предупредување, туку и поттик за нас да се смениме, да бидеме подобри и подостапни за секој граѓанин. Покажавме дека умееме да се соочиме со реалноста, да извлечеме поуки и да продолжиме со јасна визија. Денес, СДСМ е партија со нова енергија, со раководство кое е тука за да ги слушне вашите потреби и да понуди решенија.

2024 година, за жал, донесе изневерени надежи за многумина. Наместо економски раст, стабилност и европска перспектива, од новата влада видовме стагнација и блокади. Владата ги изневери граѓаните уште во првите шест месеци. Не успеа да донесе реформи, го срози стандардот на граѓаните и ги замрзна платите. По шест месеци се живее полошо дури од времето на економските кризи кои се сега далеку зад нас. Ова е последица на негрижата за граѓаните, за жал, добивме влада која се грижи за интересите на малкумина од елитата а ги заборава оние кои и ја дадоа довербата.

Затоа, нашата задача е јасна – да бидеме силен глас на граѓаните, глас кој ќе се бори за правда, за економска стабилност и за подобар живот за сите нас.

СДСМ никогаш нема да го изгуби својот фокус – секој човек е важен, секој проблем е наш заеднички предизвик. Ќе се бориме за зголемување на платите и пензиите, за нови работни места и за реална борба против сиромаштијата. Ќе бараме вистинска правда, институции кои работат за граѓаните, а не за партиски интереси.

Со надеж и искрени желби, испраќаме пораки за мир и стабилност за сите народи кои денес страдаат под товарот на војните. Време е светот да се обедини околу заедничките хумани цели.

Среќна Нова година. Ви посакувам здравје, среќа и љубов во вашите домови“.