Фиксни или пазарни цени – кој се „лизна“ при набавките на гас

Дали одлуката на ЕСМ да склучи договор со бугарска компанија за увоз на гас по фиксна цена беше најдобра или понудата на „Макпетрол“ за следење на берзанските цени (кои сега одат надолу) ќе беше поисплатлива за државата?


 

Цените на природниот гас во Европа изминатите неколку недели паднаа на нивоата кои беа пред почетокот на војната во Украина, што наведе многумина во земјава да го актуализираат прашањето како да се пристапи при набавката на овој енергент во наредниот период. Ова прашање е горливо особено во релацијата „Електростопанство на Македонија“ – „Макпетрол“, откако домашната нафтена компанија „за влакно“ не го доби тендерот за снабдување на ЕСМ со гас, иако понуди ниска цена и ја остави отворена можноста натамошните испораки да бидат поповолни во зависност од случувањата на пазарот, наспроти бугарската „Балкан јутилитис“ која понуди фиксни месечни цени за испорака.

Трендот на пазарот на природен гас веќе некое време е надолен. Така, пред неколку дена, големопродажните цени на европскиот гас, мерени со референтните холандски термински договори, паднаа за речиси 48 отсто од средината на декември за да се тргуваат за 71 евра за мегават час во петокот – приближно онаму каде што беа на 15 февруари минатата година, односно нешто повеќе од една недела пред почетокот на нападот врз Украина. Цените сега се речиси 80 отсто под нивното највисоко ниво во август од 346 евра за мегават час.

Од „Макпетрол“ во повеќе наврати реагираа дека како резултат на договорот со „Балкан jутилитис“, што подразбираше фиксна цена, „ЕСМ продажба“ сега плаќа поскапо за гасот, а се проценува дека дополнителните трошоци ја надминуваат сумата од милион евра.

„Макпетрол“, пак, на повикот на државната компанија испрати понуда поврзана со движењето на цените на берзите и доколку таа беше прифатена, сега ќе се трошеа помалку буџетски пари за производство на топлинска енергија, реагираа од компанијата.

Дали пристапот што го примени ЕСМ, што овозможи избор на „Балкан јутилитис“ е спротивен на заложбите на министрите и другите претставници на Владата, кои во јавните настапи нагласуваат дека однесувањето со државните финансии мора да биде одговорно, прашуваат енергетичари.

Во реакцијата по тендерот, „Макпетрол“ праша како „ЕСМ продажба“ го штити јавниот интерес со набавка на гас за четири месеци однапред наведувајќи низа забелешки и прашања за кои што смета дека јавноста треба да биде информирана, имајќи предвид дека се работи за трошење буџетски пари во време на криза, во исто време кога самата Влада истакнува дека мора да се штеди и да се биде повнимателен со трошењата.

Во таа реакција од компанијата наведоа дека е точно дека сумата што „Макпетрол“ ја понуди не е фиксирана, меѓутоа, проценките се дека гасот во следниот период ќе биде поевтин, што значи дека цената на македонската компанија многу веројатно ќе биде пониска од таа на бугарската.
Од таму потсетија и дека „ЕСМ продажба“ претходно набавувала гас за период од 15 дена со цел да се обезбеди што подобра цена.

„Тука се поставува прашањето како пред јавноста ќе се оправда овој договор, доколку цената што „Макпетрол“ би ја понудил биде пониска за јануари, но и за следните четири месеци, односно до 1 мај, до кога е објавено дека важи новиот договор“, реагираа од компанијата.

„Притоа, државната компанија не се потпира на стабилен домашен снабдувач, кој што вработува над 2.000 луѓе во земјата, туку избира странска фирма која што на никаков начин не придонесува во домашната економија“, стоеше во реакцијата.

Од ЕСМ, излегоа со соопштение во кое што посочија дека во моментот на носење на одлуката за избор на најповолна понуда за набавка на природен гас за јануари 2023 година, „цената понудена од ‘Балкан Јутилитис’ од 115,97 евра за мегават час беше пониска од цената понудена од ‘Макпетрол’ од 116,20 евра за мегават час“, додавајќи дека тенденциите за пониски цени на гасот во јануари требале да бидат вклучени во понудата, односно да била понудена пониска фиксна цена, „која ‘ЕСМ Продажба’ ќе можеше да ја земе предвид“.

Дополнително, „ЕСМ продажба“ излезе со информација дека ќе објави повик за набавка на природен гас за февруари, притоа нагласувајќи дека сите понуди што ќе вклучуваат флексибилна цена, нема да бидат земени предвид.

Образложението е дека компанијата мора да има обезбеден буџет и да може да направи пресметка за купување гас кој што ќе го плаќа однапред.

Инаку, оваа државна компанија со одлука на Владата добива буџетски средства за набавка на енергенти во услови на енергетска криза.

Дилемата која што ја поставуваат дел од енергетичарите е дека со оглед на тоа што гасот е берзански производ, неговата цена може и да се зголеми, па се поставува прашањето како ќе постапи компанијата што даде фиксна цена доколку се случи токму тоа, односно гасот стане поскап во однос на тоа што „Балкан јутилитис“ го понудил. Односно, кои се гаранциите дека фирмата ќе продолжи да ја снабдува земјата со природен гас или постои можност истата да се откаже од таа улога?

Во одговорите на реакциите по тендерот кои ЕСМ ги даде преку соопштение, исто така се посочуваше дека на јавниот повик за набавка на природен гас за периодот 01-31.01/2023 година и 01-30.04/2023 година спроведен во декември 2022 година од страна на „ЕСМ Продажба“ беа наведени услови задолжителни за секој понудувач, а тоа се обезбедени количества, квалитет, фиксна цена и банкарска/корпоративна гаранција.

Сепак, дилемите во поглед на гаранциите се особено значајни ако се има предвид дека „Балкан јутилитис“, според познавачите на енергетскиот сектор, во изминативе три години, за две пријавил дека работел со загуби. Повикувајќи се на податоци на Регулаторната комисија на Бугарија, се посочува дека „Балкан јутилитис“ за 2019 пријавило загуба од 98.012 евра, а во 2021 година загубата била 33.691 евра, како и дека десетгодишната лиценца за трговија со природен гас оваа фирма ја добила дури на 15 септември годинава, а бугарскиот регулатор ја дефинирал како микропретпријатие.

Предвидувањата на експертите за движењата на цените на природниот гас се поделени, иако сите се согласуваат дека состојбите на пазарот ќе зависат многу од температурите во наредниот период. Според Службата за климатски промени на ЕУ Коперникус, целата 2022 година беше втората најтопла година, после 2020 година. Се очекува топлата зима во Европа да потрае барем до средината на февруари. Покрај климата, како фактори кои влијаат врз цената на гасот се и војната во Украина, како и ефектот од отворањето на Кина по намалување на ковид мерките.

Исто, така, топлото време им овозможи на земјите до ЕУ да ги држат залихите на гас на високо ниво, што влијае и врз цените на овој енергент на пазарот. Во почетокот на декември нивоата на складирање на гас во Европа беа полни околу 92 отсто, што е високо за ова годишно време и блиску до 10-годишните највисоки нивоа. (Н.В.)