„Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Србија на ниво ББ+


Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ (Fitch Ratings) го потврди кредитниот рејтинг на Република Србија на ниво ББ+ и ги задржа стабилните изгледи за негово натамошно зголемување, а министерот за финансии Синиша Мали во таа прилика изјави дека и покрај сите предизвици Србија продолжи да бележи добри економски резултати.

Агенцијата „Фич“ наведува дека е зачувана релативната стабилност на девизниот курс и релативно високите стапки на економски раст и тоа го гледа како клучни фактори за монетарната, финансиската и макроекономската стабилност на земјата, соопшти Министерството за финансии.

„Оваа одлука на агенцијата „Фич“ потврдува дека во Србија и покрај неповолните услови во меѓународното опкружување и глобалната криза и неизвесност предизвикани пред се од конфликтот во Украина, се води соодветна економска политика која дава добри резултати“, изјави Мали.

Мали изјави дека во 2022 година растот на БДП изнесувал 2,3 отсто, дека стапката на невработеност е на рекордно ниско ниво и изнесуваше 8,9 отсто на крајот на третиот квартал минатата година, како и дека јавниот долг на крајот од јануари изнесувал 50,2 отсто.

„Успеавме да го држиме јавниот долг под контрола, да заштедиме работни места и да ја зголемиме вработеноста, да задржиме и привлечеме нови инвеститори и да го подобриме животниот стандард на српските граѓани“, рече министерот Мали.

Тој потсети дека лани е остварен рекорден прилив на странски директни инвестиции во износ од 4,4 милијарди евра, што покажува дека инвеститорите не ја изгубиле довербата во земјата и дека сè уште е атрактивна инвестициска дестинација.

Истовремено, додаде, продолжуваме со рекордни издвојувања за капитални инвестиции и не се откажавме од ниту еден капитален проект, а тие продолжуваат да имаат влијание врз нивото на економската активност и натамошното привлекување инвеститори.

Во извештајот на агенцијата „Фич“ се наведува дека кредитниот рејтинг на Србија е поддржан од одговорно управувана макроекономска политика, благодарение на која девизните резерви се одржуваа на високо ниво и покрај негативното влијание на енергетската криза.

Извештајот ја нагласува важноста на зачуваните здрави основи на банкарскиот сектор со висок показател за адекватност на капиталот, рекордно ниско ниво на проблематични кредити, како и важноста од зачувување на целосна финансиска стабилност.

Во прилог на одлуката, Агенцијата посочува дека учеството на долгот на општата влада во бруто домашниот производ на крајот на 2022 година е за 1,4 процентни поени помалку во однос на крајот на 2021 година.

Агенцијата предвидува дека, благодарение на проектираното намалување на дефицитот, во наредниот период ќе се обезбеди натамошно континуирано намалување на учеството на долгот во бруто домашниот производ и проценува дека на крајот на 2024 година ќе изнесува околу 50,5 отсто, што е значително пониско во споредба со земјите со ист кредитен рејтинг.

Прогнозите на агенцијата се дека инфлацијата ќе го достигне својот врв во првиот квартал од 2023 година и дека во наредниот период може да се очекува пад на годишните стапки, а од втората половина на 2023 година враќање на едноцифрена инфлација.

Стабилните изгледи за натамошно зголемување на кредитниот рејтинг и во сегашни услови се доказ за добрите среднорочни перспективи за раст на Србија, особено зајакнати со високиот прилив на странски директни инвестиции, се наведува во соопштението.