Февруари бил поскап за 1,8 отсто од истиот месец лани


Фото: Б. Грданоски

Трошоците на животот во февруари во однос на јануари годинава се зголемени за 0,1 отсто, а цените на мало останеле непроменети. Во февруари годинава,  во однос на февруари  лани трошоците на живот се зголемени за  1,9 отсто, а цените на мало за 1,8  отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Пораст на трошоците на животот во февруари 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото и разладеното овошје за 2,7 проценти, свежиот и разладениот зеленчук освен компирите и другите коренести плодови, виното за 0,8 проценти, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0.5 проценти, рибата и морските плодови, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 0,3 проценти, лебот и житата, полномасното млеко за 0,2 проценти.
Во февруари, исто така, пораст на трошоците на животот, е забележан и кај гасот за домаќинствата, моторните возила, информатичката опрема за обработка на податоците за 3,1 процент, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 1,4 проценти, медиумите за снимање за 0,9 проценти, снабдувањето со вода, накитот, часовниците и рачните часовници за 0,7 проценти, патниот патнички транспорт за 0,6 проценти, големите електрични апарати за домаќинствата, фармацевтските производи, градините, растенијата и цвеќињата за 0,5 проценти, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства, другите услуги за опрема за сопствен превоз за 0,4 проценти, мебелот и покуќнината за 0,3 проценти.
Намалување на трошоците на животот во февруари годинава во споредба со претходниот месец, е забележано кај минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук, жестоките пијалаци за 0,7 проценти, сирењето и урдата за 0,2 проценти.
Исто така, намалување има и кај течните горива за домаќинствата за 18,6 проценти, обувките за 2,3  проценти, собирањето на отпадните води за 1,2 проценти, ткаенините за изработка на облека за 0,5 проценти,  облеката, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики, другите лични предмети за 0,4 проценти, малит електрични апарати за домаќинствата за 0,3 проценти, домашните миленици и сродните производи за 0,2 проценти.