Фестивал на биодиверзитет во „Јавна соба“
Четврто издание на Фестивалот на биодиверзитет ќе се одржи денеска во „Јавна соба“ во организација на „Слоу фуд Водно“ и со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и We Effect.
Насловен е „Нагости се, не бери гајле. Ајде на здравје, у Скопје“ и ќе може да се посети од 10 до 17 часот. Како што најави организаторот, настанот е замислен како неформално дружење и можност да се купи нешто домашно, автентично и вкусно.
-Во центарот на вниманието ќе биде деликатесот што го има само во Скопје: омилената симит погача, што многумина ја нарекуваат „тесто во тесто“, симбол на градот, на мултикултура и врв на вкусна едноставност. Фестивалот е и можност да се дознаат многу работи за локалните производители од сите конвивиуми на „Слоу фуд Македонија“: разни вкусови, благо, солено, луто, гастрономски деликатеси во тегли – ајвар, пинџур, џем, слатко…, се природно, со вкусови што враќаат во детство, потоа – традиционалните козји, кравји и секакви сирења, сувомесни производи сушени на дрва.. Оние што не го запознале вкусот на тартуфи, ова е можност да се вљубат во некој од производите на оваа печурка, соопшти „Слоу фуд Водно“.
На фестивалот ќе има и презентации: пивски и вински, дегустации на ракија и ликери. Предвидени се и два мастеркласа – во 12 часот ќе се одржи работилница за тестенини и во 13 часот – работилница за занаетчиско пиво.