Фернанда Масиел ја освои пирамидата Карстенс – сѐ поблиску до остварување на својот сон за „Седумте врвови“
Бразилската ултратркачка Фернанда Масиел уште еднаш ги редефинира границите на човечката издржливост поставувајќи го најбрзото познато време за искачување на највисокиот врв во Океанија, Пунчак Јаја во Индонезија. Таа го заврши рекордното искачување и спуштање за само 1 час и 48 минути.
На 17 октомври оваа година, Масиел започна амбициозен предизвик – поставувајќи го најбрзото познато време за искачување на највисокиот врв во Океанија, пирамидата Карстенс или Пунчак Jaјa во Индонезија. Тој е 3,41 километар од базниот камп на надморска височина од 4.300 метри, а Фернанда се искачила 582 метри над груб варовник за само еден час и четири минути. Целото нејзино кружно патување го заврши за еден час и 48 минути, што и официјално е нов светски рекорд. На луѓето обично им требаат околу 13 часа за ова искачување.
Ова е петти освоен врв во нејзината мисија да се искачи на Седумте врвови. Патувањето до пирамидата Карстенс ја покажува нејзината трајна ментална фокусираност и физичка отпорност. Искачувањето на технички тешки делови и стрмни карпести терени е успех што таа го припишува на внимателната подготовка и приспособливоста.
„Планината е прилично страшна, бидејќи тука доаѓате веќе без сон. Условите во базниот камп се многу тешки, нема храна. Јадев инстант тестенини пред да почнам. Тоа беше сѐ, така што сте во многу ослабена состојба. Се чувствувам среќна бидејќи имав два часа добро време, а тоа не значи дека карпата беше во добра состојба, напротив, морав да останам многу мирна за да не се лизнам на тие места. Сега сум многу среќна, го завршив искачувањето и спуштањето за час и 48 минути, среќна сум и олеснета, бидејќи оваа планина е страшна“, вели феноменалната Масиел.
Нејзиниот предизвик да го постави најбрзото познато време на Седум врвови е при крај, бидејќи досега има освоено пет врвови поставувајќи рекордни времиња. Секоја планина претставуваше уникатен предизвик, а сега на Фернанда ѝ останаа само Денали и Еверест за да ја исполни својата амбициозна цел.
Аконкагва (Јужна Америка), 22 февруари 2016 година
Масиел го оствари својот сон да го освои највисокиот јужноамерикански врв Аконкагва со надморска височина од 6.960 метри. Бразилката се соочи со ниски температури од минус 30 степени, ветрови од 50 км/ч и редок воздух на надморска височина над 5.000 метри. По два неуспешни обиди, таа стана првата жена која го завршила искачувањето и спуштањето за рекордни 22 часа и 52 минути, борејќи се со тешки услови и надморска височина без кислород.
Килиманџаро (Африка, 25 септември 2017 година)
Фернанда успеа да постави нов рекорд кај жените со искачување и спуштање на Килиманџаро (височина 5.895 метри). Нејзиното време на искачување и спуштање е 10 часа и 6 минути, па го собори претходниот рекорд од 12 часа и 58 минути. Искачувањето до највисокиот врв во Африка бараше издржливост и брзо движење низ предизвикувачки терен со променлива клима, од бујна прашума до алпска пустина.
Елбрус (Европа, 28 април 2019 година)
Борејќи се со температури од минус 23 степени и ледени услови, Масиел го заврши искачувањето и спуштањето на највисокиот врв во Европа, планината Елбрус (5.620 метри), за само 7 часа и 40 минути.
Винсон (Антарктик, 24 декември 2022 година)
На далечната планина Винсон (4.892 метри), Фернанда се бореше со силни ветрови и ниски температури, но на крајот успеа да го заврши своето патување за девет часа, 41 минута и 38 секунди.
Пунчак Јаја/Карстенс пирамидата(Океанија)
Ова е петти освоен врв на Фернанда, а за да го исполни нејзиниот сон за освојување на Седумте самити и поставување на најбрзите познати времиња на сите највисоки врвови на седумте континенти, Масиел сепак има намера да се искачи на планината Денали на Алјаска и на Монт Еверест во Азија.
Месиел е поврзана со природата, бидејќи пред нејзината кариера во ултра трчање работела како адвокатка за заштита на животната средина, а сѐ уште продолжува да се бори за зачувување на природата. Со освојување на секој врв, таа го привлекува вниманието на најкревките екосистеми на планетата со цел да инспирира колективна акција за зачувување и одржливост.
„Мојата цел не е само да поставам рекорди, туку и да ја покажам убавината и издржливоста на овие средини. Се надевам дека луѓето ќе можат да ја видат моќта на природата преку моите патувања и да бидат мотивирани да ја заштитат”, изјави Масиел.