ФЕД го паузираше растот на каматните стапки, но најави дополнително зголемување годинава


Американската централна банка (ФЕД) очекувано направи пауза од циклусот на зголемување на каматните стапки што континуирано трае од март минатата година, но неочекувано сигнализираше дополнително зголемување на каматните стапки за 50 базични поени до крајот на годината. На состанокот ФЕД очекувано ја задржа каматната стапка во опсег од 5,00 до 5,25 отсто, но проекциите на членовите на УО ги изненадија и моментално ги турнаа берзанските индекси во минус.

Како што се наведува во соопштението, „одржувањето на стабилен целен опсег на каматни стапки ќе му овозможи на Одборот да ги процени дополнителните информации и нивното влијание врз монетарната политика“, пред следниот состанок на 25-26. јули.

Проекциите на членовите на одборот сугерираат дека до крајот на годината би можеле да следат две зголемувања на каматните стапки за 25 базични точки, но претседателот на ФЕД Пауел не можеше да потврди дека првото зголемување ќе се случи веќе во јули.

Само двајца членови на УО од вкупно 18 не очекуваат натамошно зголемување на каматните стапки до крајот на годината, додека половина од нив очекуваат две зголемувања од по 25 базични поени.

ФЕД исто така ги зголеми очекувањата за терминалните стапки за следните две години. Така, терминалната стапка во 2024 година се очекува на ниво од 4,6 отсто (претходно 4,3 отсто), а во 2025 година ќе биде 3,4 отсто (претходно 3,1 отсто).

Членовите на ФЕД ги зголемија и очекувањата за економски раст на американската економија. Сега растот на БДП во тековната година се очекува на ниво од 1,0 отсто во однос на мартовската проекција од 0,4 отсто.