Фаучи: Не знам со што го лечат Трамп
САД – Директорот на американскиот Национален институт за алергија и заразни болести, Антони Фаучи, смета дека состојбата на претседателот Доналд Трамп, кому му беше дијагностициран коронавирус, се уште може да се влоши, пренесува Тасс.
-Проблемот е во тоа што болеста е се уште во рана фаза. Не е тајна дека има случаи во клиничката историја кога луѓето повторно се разболуваат (реверзија) по пет до девет дена, предупреди Фаучи синоќа за Си-Ен-Ен.
„Реверзијата значи погрешна насока и проблеми“, објасни тој.
-Ова веројатно нема да се случи, но лекарите на претседателот треба да бидат будни, препорача Фаучи, додавајќи дека според неговата оценка шефот на државата, кој се врати во Белата куќа од медицинскиот центар „Валтер Рид“, изгледа многу добро.
Најдобриот специјалист за инфективни болести во САД смета дека е многу веројатно дека на Трамп му помага некаков експериментален лек базиран на антитела. Фаучи појасни дека тој самиот не бил запознаен со лекувањето на претседателот.