Фатиме Фетаи ги бодреше фудбалерите и во Гибралтар


Фатиме Фетаи на трибината на стадионот во Гибралтар

 

Изгледа дека обвинителката Фатиме Фетаи е една од најзагреаните јавни личности што се однесува за следењето на натпреварите на македонската фудбалска репрезентација. Таа денеска беше и во Гибралтар, каде Македонија играше со домаќините во Лигата на нации и победи со 2:0 со головите на Барди и Николов.

Овој пат камерата ја прикажа Фетаи сама на трибините, немаше никој од она „озлогласено друштво“ од мечот од баражот за Светското првенство против Италија во Палермо. Тогаш јавноста се крена на нозе, прашувајќи кој им ги платил авионските карти и билетите за натпреварот на Фетаи, министерот за правда Никола Тупанчески и судијата Лазар Нанев. Тупанчески заработи опомена за непочитување на Кодексот за етичко однесување од вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска. Вревата за Фетаи и Нанев се стиша, за нив немаше ништо, ниту укор. 

Како патувала Фатиме Фетаи во Гибралтар, барем сега, не се знае. Можеби ќе се дознае наредните денови. (Н.В.)