Фановите избраа маскотата на ЕУРО 2024 да го носи името Алберт


Маскотата на ЕУРО 2024 во Германија ќе го носи името Алберт, соопшти Фудбалската федерација на Германија (ДФБ). Името го избраа навивачите кои гласаа на официјалната веб-страница на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА).

Името Albärt на плишаното мече е игра на зборови помеѓу Алберт (Albеrt) и мечка (Bär). Собра 32% од гласовите, а преостанатите опции за фудбалските фанови беа Бернардо (Bärnardo), Бернхарт (Bärnheart) и Херци фон Бер (Herzi von Bär).

„Јас сум родител и знам колку е важно да се поттикне детската имагинација. Се надеваме дека оваа маскота ќе биде прифатена како забавен и пријатен лик кој ќе убеди уште повеќе деца да играат фудбал“, изјави директорот на турнирот и поранешен капитен на Баерн, Филип Лам.

ЕУРО 2024 ќе се одржи во десет германски градови од 14 јуни до 14 јули следната година.