„Фајнанс тинк“: Ограничен, но не и неважен преносен ефект од глобалната цена на нафтата врз инфлацијата


Фото: Б. Грданоски

Економскиот институт „Фајнанс тинк“ (Finance think) денеска објави анализа за влијанието на глобалната цена на нафтата врз порастот на цените кај нас, оценувајќи дека иако таквиот ефект е ограничен, тој не е неважен. Според „Фајнанс тинк“ иако нафтениот шок веќе е јасно видлив кај цените на горивата и кај транспортните цени, засега нема докази дека се прелеал во поширока, системска инфлација. 

Овој броф на „Фајнанс тинк“ доаѓа по објавените податоци на Државниот завод за статистика за движењето на цените во март 2026, што е прв месец по почетокот на воениот конвликт меѓу САД/Израел и Иран.

Според овие податоци, на месечно ниво, цените пораснале за 0.7%, додека на годишно ниво за 4.9%.

Поради зголемените очекувања за динамизирање на порастот на цените предизвикано од наглото зголемување на цените на суровата нафта на светскиот пазар, во овој став анализираме дали овој нафтен шок прераснал во поширок ценовен шок, односно дали се прелеал врз општото ценовно ниво, посочуваат од „Фајнанс тинк“.

Во анализата се посочува дека на месечно ниво, цените покажаа одредена стабилизација со пад во јануари 2026 во однос на декември 2025 од 0.7%, а потоа благ раст од 0.2% во февруари 2026 во однос на претходниот месец. Во таа смисла, зголемувањето на цените во март во однос на февруари 2026 од 0.7% може да сигнализира благо забрзување на инфлацијата, особено имајќи предвид дека – доколку воениот конфликт во Иран не настанеше – очекувањата беа дека инфлацијата ќе следеше патека на понатамошно смирување. Но, ваква месечна динамика не е драматично повисока од динамиката во текот на 2025 година.

Сепак, од оваа генерална слика, отскокнуваат два групи , а тоа се: Траснпортот (3.4%), во чии рамки само цената на горивата и мазивата за сопствена транспортна опрема порасна за 11.4% во март во однос на февруари 2026, и Алкохолните пијалоци, тутунот и наркотиците (3.2%), што е во целост водено од порастот кај тутунот (4.3%). Додека порастот на цените во првата група е во целост рефлексија на воениот конфликт во Иран, втората група е несврзана со него. Додека, директниот ефект од повисоките цени на суровата нафта се согледува преку високиот раст кај течните горива (18.7%), иако неговата тежина е релативно мала, бидејќи целата група Домување, вода, електрична енергија, гас и други горива има ценовен раст од само 0.2%, се вели во анализата.

Слично, во групата храна, значаен месечен пораст забележуваат маслата (2.2%), што е веројатна последица примарно на намалената понуда на палмино масло (лоши временски услови) и сончогледово масло (војна во Украина) на глобалниот пазар, но и на зголемените транспортни трошоци поради растечката цена на нафтата.

Од „Фајнанс тинк“ нагласуваат дека според месечната динамика на инфлацијата, постои благ, односно ограничен, но не и неважен – преносен ефект од глобалната цена на нафтата врз општото ценовно ниво, и тоа е во рамки на поранешните проценки во Бриф за политиките: Колку глобалниот нафтен шок ќе се пренесе во домашната економија? од 10 март 2026, според кој, 10% пораст на цената на нафтата предизвикува пораст на општото ценовно ниво за дополнителни 0.1 до 0.2 процентни поени на краток рок, односно во првите 1-3 месеци од настанувањето.

„Овој ефект е резултат на директното влијание на нафтените деривати во потрошувачката кошничка, како и на индиректното влијание преку транспортните трошоци и некои лимитирани групи производи“, оценуваат од „Фајнанс тинк“.

Од таму додаваат дека годишната динамика на инфлацијата во март 2026 на прв поглед е загрижувачка, бидејќи забрза на 4.9% во однос на март 2025 година, што е целосно надвор од очекувањата за нејзино смирување и сведување на годишно ниво околу 3%.

Сепак, како што додаваат од „Фајнанс тинк“ постои ризик овие податоци погрешно да се интерпретираат како прелевање на нафтениот шок врз општото ниво на цени, бидејќи тие тоа не го покажуваат. Споредбената анализа со март 2025 година покажува на значајно ниска споредбена основа тогаш, која се должи на Велигденско-Рамазанското замрзнување на маржите и цените на производите од храна, пијалоци и хемиски производи за домаќинство, кое во сила беше од 20 февруари до крајот на април 2025 година.

Овој ефект на ниска споредбена основа е особено видлив кај храната чии цени на годишно ниво, во март 2026 пораснаа за високи 7.5%, додека кај алкохолните пијалаци и тутунот за 8.8%. Кај останатите групи кои искусуваат релативно висок годишен раст во март 2026, а имаат стабилна месечна динамика, се работи за кумулативен ефект (од април 2025 па се’ до март 2026), којшто во претходните кратки анализи (на пример, во ФТ Став бр. 67 за минималната плата, продуктивноста, инфлацијата и неформалното вработување од 18 февруари 2026) го проценивме резултат на зголемениот доход во економијата.

„Иако нафтениот шок веќе е јасно видлив кај цените на горивата и кај транспортните цени, засега нема докази дека се прелеал во поширока, системска инфлација“, нагласуваат од „Фајнанс тинк“.

Притоа додаваат дека ако годишната стапка од 4.9% се земе како аларм, тој ќе е погрешен бидејќи произлегува од ниската споредбена основа создадена со административното замрзнување на цените во истиот период лани. Сепак, тековниот месечен раст не е занемарлив и, доколку се задржи, може брзо да се претвори во поширок инфлаторен притисок преку секундарни ефекти, првенствено кај производите од храна, а потоа и врз пошироката потрошувачка кошница.

Како заклучок, се наведува дека моменталниот раст на цените претежно ја рефлектира директната изложеност на економијата на нафтениот шок, без јасни знаци на широко прелевање. Но, ваквата стабилност е кревка: ако цените на енергијата останат високи и растечки, ризикот од поширок инфлаторен бран преку транспортните трошоци и очекувањата на економските агенти значително се зголемува. Затоа, тековните податоци не оправдуваат паника, но ниту дозволуваат комфор – внимателно следење на месечната динамика ќе биде клучно во наредните месеци. Во таа смисла, стриктно таргетирани мерки за ублажување на последиците кај евентуално најпогодени групи граѓани и фирми треба да бидат во подготовка и да може брзо и ефикасно да се операционализираат кога ценовниот шок евентуално би се интензивирал.

„Според нашите проценки објавени порано (ФТ Став за инфлацискиот ефект од енергетскиот шок од 26 март 2026), доколку конфликтот продолжи и/или ескалира, ефектите на поширока основа би почнале да се чувствуваат веќе во април, а позначаен интензитет би добиле од јуни годинава“, посочуваат од „Фајнанс тинк“.