„Фајнанс тинк“: Дали „Мој ДДВ“ придонесува за намалување на сивата економија?


 

Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ (Finance Think) во најновиот бриф за политиките оценува дека мерката „Мој ДДВ“, односно поврат на дел од платениот ДДВ при промет на добра и услуги од страна на физичките лица, е ефективна во структурното зголемување на приходите од ДДВ.

„Поконкретно, се проценува дека поради мерката, приходите од ДДВ се повисоки за 3,1 отсто, во просек, згора на нивниот раст одреден од растот на економијата и цените“, се вели во анализата на „Фајнанс тинк“.

Сепак, како што се додава, проценетото влијание е со статистичка значајност од 10 отсто (наместо вообичаените 5 отсто или помалку), додека соодветните тестови го идентификуваат првиот квартал во 2021 година како време на структурна промена наместо тоа да биде третиот квартал 2019 година кога мерката е воведена.

„Ова може да се должи на влијание на други фактори, на времето потребно мерката целосно да се ефектуира, како и на драматичните нарушувања на економските текови во текот на пандемијата. Сето тоа налага особена внимателност во користењето на овој наод“, посочуваат од „Фајнанс тинк“.

Во заклучоците од анализата се вели и дека понатамошните пресметки покажале дека, во просек, околу 10 отсто од обемот на неформалната економија е намален односно префрлен во формалната економија со мерката „Мој ДДВ“, што е еквивалент на 2,3 процентни поени од обемот на сивата економија пресметан од „Фајнанс тинк“.

„Ако се земе предвид грубата оценка дека 41 отсто од неформалната економија се должи на потизвестување на прометот со неиздавање фискални сметки, тогаш влијанието на ‘Мој ДДВ’ во обем од 10 отсто, односно една четвртина од вкупниот обем на оваа појава, може да се смета за значаен, но недоволен“, се вели во анализата.

Од „Фајнанс тинк“ нагласуваат дека наодите укажуваат дека се потребни понатамошни напори за поголема ефективност на мерката во сузбивањето на сивата економија, како и на тоа дека ниедна стимулативна мерка не може да биде целосна замена за инспекцискот надзор и казнивоста при спроведувањето на законите и наплатата на делот кој ѝ припаѓа на државата.

Наодите во брифот препорачуваат мерката да се задржи, но нејзиниот ефект да се преоцени по одредено време. Министерството за финансии и Управата за јавни приходи мора да ја комбинираат мерката со засилен инспекциски надзор и непристрасна казнивост при потизвестување на прометот преку неиздавање фискални сметки, посочуваат од „Фајнанс тинк“.

Во брифот исто така се вели дека скенирањето на фискалните сметки со цел враќање на дел од платениот ДДВ кога физичките лица купуваат стоки и услуги, од 2019 година наваму, наиде и на различни очекувања во општата јавност. За поддржувачите тоа значеше мал, но значаен дополнителен приход, додека за неподдржувачите понатамошно нерационално трошење на јавните пари со цел прибирање политички поени. Владата, пак, аргументираше дека со мерката позната како „Мој ДДВ“, секој граѓанин ќе биде даночен инспектор и ќе помогне во сузбивањето на сивата економија.

Според пресметките од „Фајнанс тинк“, сивата економија во Северна Македонија изнесува околу 23 отсто од БДП, и нема тренд на намалување од 2013 наваму.

Според понатамошните пресметки, 41 отсто од сивата економија се должи на пријавувањето помал промет од економските субјекти кои остваруваат промет, преку неиздавање фискални сметки. Притоа, овие субјекти може да се регистрирани за целите на ДДВ и да не издаваат фискални сметки за да платат помал износ на нето ДДВ кон државата, или да не се регистрирани за целите на ДДВ и да не издаваат фискални сметки за да не го надминат прагот над кој ДДВ регистрацијата е задолжителна.