„Фајнанс тинк“: БДП во првиот квартал се зголеми за 1,2 отсто, до крајот на годинава растот ќе биде 2,7 отсто


Во првиот квартал од 2024, БДП се зголеми за 1,2 отсто на годишна основа, задржувајќи ја потиснатата економска динамика од 2023, оценува институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк (Finance Think) во најновиот Макроекономски монитор. До крајот на годинава, од Фајнанс тинк останува на претходните проекции за раст на БДП во 2024 од 2,7 отсто и за раст на цените од 3,8 отсто.

Инаку, како што се посочува во публикацијата, релативно воздржаната економска активност е резултат на две главни тенденции. Од една страна, извозот забележа релативно голем пад од 7,8 отсто, подлабок од тој во 2023. Од друга страна, приватната потрошувачка, која сочинува доминантен дел од БДП, порасна за 2 отсто, што претставува солиден раст кој го одразува високиот реален раст на платите (12,9 отсто), иако под просекот од претходната година.

Најголем раст во овој квартал забележуваат бруто инвестициите од 23,6 отсто, што е значајно заздравување по негативните стапки во 2023, а резултат на инвестициите во машини и новата акумулација на залихи. На производната страна, растот во првиот квартал е целосно создаден од услужниот сектор (4,4 отсто), додека земјоделството (-19,7 отсто), индустријата (-1,2 отсто) и градежништвото (-2,5 отсто), сите забележаа значајни падови, поголеми од тие во претходниот квартал.

Воздржаноста на економската активност посебно се забележува кај движењата на пазарот на трудот. Во првиот квартал од 2024, невработеноста незначително се намали на 12,9 отсто (од 13 отсто во претходниот квартал). Вработеноста и неактивноста благо се намалија на 45,4 отсто (од 45,5 отсто во претходниот квартал), односно на 52,1 отсто (од претходните 52,2 отсто). Обесхрабрувањето во барањето работа и пасивизацијата на работната сила започнаа уште во текот на пандемијата и оваа тенденција опстојува до денес, посоќуваат од Фајнанс тинк.

Во првиот квартал од 2024, инфлацијата остана на нивото од претходниот квартал, 3.4% на годишна основа. Спласнатите глобални притисоци кај храната и енергијата и сe’ уште замрзнатите цени на избрани прехранбени производи во дел од овој квартал, како и забавувањето на преносот на инфлациските притисоци врз пошироката потрошувачка кошничка овозможија забавување на растот на цените уште кон крајот на 2023 година, но во овој квартал, притисокот не се намали понатамошно, во значаен дел поради преостанати варијации кај цените на храната.

Благи позитивни поместувања од сегашната воздржаност во економијата се очекуваат во втората половина од 2024 година. Изгледите во поглед на инфлацијата остануваат поволни, но зависат од се’ уште присутни критични фактори. Фајнанс тинк ги задржува претходните проекции за раст на БДП во 2024 од 2,7 отсто и за раст на цените од 3,8 отсто, се вели во Макроекономскиот монитор на Фајнанс тинк.