Евтината нафта ги повлече надолу и валутите


Падот на цената на нафтата на светските берзи ја намали вредноста на некои валути како руската рубља, индиската рупија и канадскиот долар, јавија светските медиуми.

На девизните пазари еден американски долар денес се разменуваше за 75 рубљи, додека едно евро чини 81,2 рубљи. Иако цената на руската нафта „Јуралс“ не се намали така драстично како американската, рубљата сепак реагираше на непостојаноста на нафтените пазари.

Девалвацијата на рубљата и на некои странски валути како индиската рупија и канадскиот долар настапи откако се дозна дека наскоро нема да има слободни складишта за суровата нафта затоа што нема побарувачка за неа.

Според некои економисти, зделката во рамките на ОПЕК+ склучена неодамна е неуспешна, бидејќи не може да ја регулира ситуацијата на светските пазари со нафта.