Евротинк: Сега е момент ЕУ да покаже лидерство и на земјава да и даде датум за преговори
Време е Европската унија и покрај внатрешните предизвици со кои се соочува да покаже лидерство и да и даде датум за преговори на Република Северна Македонија, со оглед на тоа што земјата досега доби најчист извештај, ги испорача зададените задачи и ги реши билатералните спорови со соседите, во спротивно Унијата би го загубила својот кредибилитет. Најоптиминално е датумот да биде даден во јуни пред изборите во Грција и евентуалните промени таму, но голема е можноста тоа да се случи наесен.
Ова денеска го потенцираа од Евротинк, напоменувајќи дека иако сме ја сработиле домашната задача што ни е дадена во процесот на реформите, но и во однос на решавањето на билатералните спорови со соседите, сепак, е неизвесно дали државите-членки ќе дадат зелено светло за почеток на преговорите, поради тоа што станува збор за година во која што политичките динамики во Европа се непредвидливи и голем дел од политичката енергија ќе се потроши на реконфигурација на политичкиот простор по изборите за Европскиот парламент и изборните процеси во државите како Грција.
За Северна Македонија одложувањето на датумот би значело ново загубено време, велат оттаму и додаваат дека помалку е важна иднината на Владата отколку шансата која граѓаните би ја пропуштиле.
-ЕК даде најпозитивен извештај досега, испрати чисто досие, чиста препорака кон земјите членки конечно да се отворат преговорите со Република Северна Македонија. Од друга страна неизвесно е дали ќе добиеме датум за преговори поради тоа што 2019 е тешка година и постојат одредени резерви не кон нас, туку генерално кон проширувањето, во дел од државите членки, изјави денеска извршниот директор на Евротинк, Љупчо Петковски.
Појасни дека овие резерви се поврзани со стравот на европските елити од растот на националниот популизам.
-Тие сметаат дека тоа би се спречило со забавување на процесот на проширувањето, ние сметаме дека тоа е парадоксално и тоа ќе доведе токму кон дополнителен раст на национален популизам. Ако не добиеме преговори тогаш противниците на европските вредности, противниците на Преспа, противниците на се што беше позитивно изминативе две години ќе добијат многу посилни аргументи и ќе речат не вредеше ништо да се направи и на тој начин сметам дека ќе порасне популизмот на Балканот. Европа бранејќи се од популизмот со недоволно осмислена политика на некој начин парадоксално може да го зголеми популизмот на Балканот, рече Петковски.
Дополнителен аргумент зошто треба што е можно поскоро да добиеме датум и можноста за евентуалната смена на власта во Грција, каде по изборите за Европскиот парламент постои можност да победи лидерот на опозицијата Кирјакос Мицотакис кој отворено се противи на Преспанскиот договор. Тој воедно во своите последни изјави кажа дека Грција има можност 75 пати да ја блокира Северна Македонија во процесот на преговарање со ЕУ.
-Мицотакис во неговата предизборна реторика ја користеше Преспа како сениште, се закануваше дека и дури броеше колку пати може Грција да не блокира во процесот на преговорите. Мицотакис веројатно ќе стане премиер имајќи ги на ум резултатите од европските избори, а во Грција парламентарни ќе се одржат кон крајот на следниот месец. Има голема можност Мицотакис понепријателски да биде наклонет кон Преспа од претходната влада. Тоа е уште еден аргумент зошто треба пред извесната смена на власта во Грција да се случи отворањето на преговорите, рече Петковски, но сепак додаде дека постои голема можност ставовите на Мицотакис да се само политичка игра за да ги освои гласовите на Грците и тој себеси да се прикаже како патриот, притоа оставајќи му на Ципрас да ја заврши „нечистата работа“ околу постигнувањето на Договорот со соседната земја.
Петковски додаде дека сега и Европа е на ред да покаже лидерство, бидејќи ние нашиот дел го одработивме, го завршивме, не бараме награди, туку бараме ресурси, рамка во која ќе се земе уште повеќе обврски реформирајќи се согласно стандардите на ЕУ.
-Доколку не почнат преговорите нема да биде казнета само нашата Влада. Нашата Влада може да биде казнета од граѓаните на друг начин. Ќе бидат казнети граѓаните кои покажаа огромен разум поддржувајќи ја Преспа, останувајќи проевропски, рече Петковски појаснувајќи дека во земјава има најевропски настроена јавност на Балканот.
И покрај неизвесноста околу датумот, Петковски додава дека со почеток на преговорите „ќе и биде потешко на сегашната и на следните влади, бидејќи тие ќе вршат поголем притисок врз нив да си ги исполнуваат обврските“. Тој лично смета дека датум за преговори ќе добиеме на есен.
Во однос на тоа дали се комплетирани тимовите кои ќе бидат вклучени во процесот на преговори, Петковски вели оти имаат информации дека наскоро ќе биде усвоени документите дека е постигнат договор меѓу клучните актери во тој процес, со кои ќе се дефинира преговарачката структура. Во тој процес, додаде тој доцниме и со тоа не испративме позитивен сигнал во Брисел. Тоа требало да се случи уште лани во октомври или ноември.
Магдалена Лембовска од Евротинк изјави дека во многу области во Извештајот добивме позитивни коментари, дека нешто почнало да се случува, донесени се закони во клучните реформски области формирани се институции, но вели тоа е само почеток и оти земјата не треба сега да се опушти.
Земјава, додава таа, ретко заостанува во однос на усвојувањето на европското законодавство, но често изостанува во постигнувањето резултати во борбата против корупцијата на високо ниво и борбата против организираниот криминал.
-Навистина добивме еден позитивен Извештај и забележани се резултати во клучните области кои минатата година во јули ЕУ и ги зададе на државата како задачи. Беа направени одредени чекори меѓутоа тоа е сеуште на првичното ниво во однос на воспоставување на една институционална и правна рамка, рече таа и како пример ја спомена реформата на безбедносно-разузнавачките служби, каде неодамна се усвоија Законот за формирање Агенцијата за национална безбедност и Законот за координација на разузнавачките служби, но допрва ќе треба да покажеме како тоа ќе се спроведе во пракса.
Важно е да се обезбедат неопходните ресурси за да се овозможи функционирање на институциите, а особено е важно да се стави фокусот на поглавјата 23 и 24.
-Посебно е важно поглавјето 24 она што за земјите членки на ЕУ најмногу се интересираат кога се асоцираат на Западен Балкан е каква е борбата против корупцијата и организираниот криминал, справувањето со насилен екстремизам и тероризам, миграцијата, азилот, додаде Лембовска.
Напомена дека и покрај донесените закони европското законодавство постојано се менува и потребно и ние да се прилагодуваме на тој процес.