Евроскептицизмот и датумот


ИЛО ТРАЈКОВСКИ 

Неодамна одржаните избори за Европскиот парламент донесоа неколку изненадувања. Најпрво, избирачите  излегоа на гласање во значително поголем број од очекувањата. И покрај бројните, претходно изречени констатации за демократскиот дефицит на европските институции и за опаѓање на нивниот интерес за политика, европските граѓани овој пат излегоа во повисок процент (50,97 отсто) споредено со изборите во 2014 година (42,6 отсто). Друго изненадување беше значителниот пад на изборната поддршка за двете партиски групации кои во изминатата деценија и повеќе доминираа во парламентот и беа најзаслужни за европските политики и особено за политиката на проширување. Учеството на пратениците од групата на Европски народни партии (демохристијани) и од групата на Прогресивна алијанса на социјалисти и демократи во вкупниот број пратеници во парламентот опадна од 52,54 отсто, колку што имаа во претходниот состав, на 43,1 отсто во новиот состав.

Третото изненадување беше порастот на изборната поддршка за либералдемократите и зелените. Првите во претходниот состав учествуваа со 9,91 проценти, а во новиот со 14 отсто, додека учеството на зелените порасна од 6,94 на 9,2 отсто. Последното изненадување беше релативно послабиот пораст на изборната поддршка за евроскептички ориентираните политички партии. Пред изборите постоеше страв од значителен пораст на изборната моќ за овие партии. Но, учеството, на пример, на групата пратеници на Европа на нациите и слободата порасна само за нецели три отсто (од 4,81 во минатиот состав на 7,7 отсто во новиот).

Овие резултати покажуваат дека од порастот на изборната мобилизација на европското граѓанство не профитираа најмногу евроскептиците, како што се очекуваше, туку либералдемократите и зелените. И едните и другите, во основа, имаат попозитивен став кон проширувањето на Европската Унија кон Западен Балкан, во споредба со другите. Но, и покрај тоа, изборните резултати го актуализираа прашањето за нивните последици по политиката и процесот на проширување на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија.

Таквата загриженост не произлегува и не може да произлезе толку од релативно слабиот пораст на поддршката за партиите од крајната десница кои се критични кон ЕУ и особено за нејзиното проширување кон Западен Балкан. Таа е повеќе кумулативна резултанта од вкупниот пад на поддршката на партиите што досега ја водеа европската политика на проширувањето, од една страна и од победата или високата поддршка за популистичките и екстремно десните партии во некои важни земји членки на ЕУ како Италија, Франција, Унгарија и Полска, од друга страна.

Поради тоа, прашањето дали во јуни или јули државата ќе добие датум за почеток на преговори или не, стана прашање за иднината не само на Република Северна Македонија туку и за иднината на проширувањето на Европската Унија. Ако не се добиел датум, ќе паднела владата – како што изјави премиерот Зоран Заев. Според логиката на премиерот, неопределувањето датум од страна на Европскиот совет би значело непризнавање на главните политики на Владата која ја предводи тој, а пред сè, на нејзините надворешни политики во однос на соседите (Бугарија и Грција).

Не е првпат влада на СДСМ повеќе да им дава приоритет на проевропските политики, интереси и аргументи и со тоа да го доведе во прашање сопственото опстојување. Во досегашната наша историја, владите на СДСМ секогаш имале подобар рејтинг кај европските партнери и Американците, а внатре ја губеа политичката битка на првите наредни избори. За илустрација, да се потсетиме на исказот на поранешниот премиер, професорот Владо Бучковски, во парламентот кога на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ им порача дека ќе ги европеизира, иако тие не го сакаат тоа. Обратно, надворешниот рејтинг на владите на ВМРО-ДПМНЕ секогаш бил полош од рејтингот дома. СДСМ секогаш била и сè уште е попокорна кон европските и американските интереси. Таквата ориентација е заснована на претпоставката дека националните интереси кои треба да ги штити како национална влада се совпаѓаат со европските и американските интереси. ВМРО-ДПМНЕ, пак, обратно. Нејзините влади во меѓународните односи се водеа од национални интереси. Така, на пример, во својата кампања за претседателските избори нејзиниот кандидат, професорката Гордана Силјановска-Давкова, истакнуваше дека никогаш нема да биде „субмисивна“ спрема надворешните фактори.

Владите на СДСМ секогаш биле еврооптимисти. Обратно, владите на ВМРО-ДПМНЕ речиси секогаш беа евроскептични. За нив, како и за европските популистички партии, националните интереси се пред европските интереси. Европските интереси и перспективи се изведена величина и се остварливи само до мера до која тие се совпаѓаат со националните аспирации. Нашите евроскептици во тој поглед се согласни со европските евроскептици. Европа и за едните и за другите е Европа на нации. Се чини дека според таа логика тие деновиве работат заедно на одложување на датумот за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија.

Но, ваквата политика и на едните и на другите евроскептици е чисто партиска, а не национална. На домашната сцена, недобивањето датум за владата предводена од СДСМ би значело нејзина делегитимизација во очите на граѓанството. Со тоа би се зголемил притисокот за предвремени парламентарни избори и сè што оди со тоа, имајќи го предвид концептот за т.н. „пржинска влада“. Погледнато од национална перспектива, лобирањето кај странските евроскептици за одложување или недоделување датум за преговори во јуни или јули повеќе ми личи како подметнување пожар во сопствената куќа поради запалување на својата цигара.

Според упатени аналитичари на европските перспективи, евентуалното недоделување датум нема да значи само крај на владата на Зоран Заев, туку би имало пошироки негативни последици врз целиот процес на проширувањето на Европската Унија. Според Флоријан Бибер, еден од најдобрите познавачи на релацијата Западен Балкан-Европска Унија, недоделувањето датум за преговори на Северна Македонија ќе значи „смртоносен куршум за ЕУ-проширувањето“ во целина.

Да. Тоа може да ја сруши владата на Зоран Заев, иако не нужно и владата на СДСМ. Но, тоа сигурно ќе значи прекин на започнатите реформски процеси. Нивна движечка сила беше токму европската иднина на земјата. Без таква перспектива новите власти – било од сдсмовска или од вмровска провениенција – ќе бидат принудени да заиграат на други домашни и надворешни карти. Не само кај нас, туку и во другите земји од регионот на Западен Балкан, конкурентите на ЕУ за насочување на развојот на овој регион во нивни правци би добиле нови поттици за своите стари политики. Домашните промотори на таквите перспективи се на готовс.