Европски 220.000 евра за санација на црквата „Св. Власие“ во Штип
Штип – Заводот за заштита на спомениците на култура и музеј Штип потпиша договор со кој се здоби со можноста да користи 220.000 евра од ИПАР-фондовите за санација и конзервација на црквата „Св. Власие“. Директорот Мите Штерјов вели дека проектот е во рамките на прекуграничната соработка со Република Бугарија.
– Целиот проект е во вредност од 500.000 евра од кои 220.000 евра ќе ги користиме ние за спомнатата црква која се наоѓа во подножјето на средновековната тврдина Исар. Оваа црква датира од 14 век и е една од црквите кои се спомнувани во историските податоци. Остатоците од неа се откриени при археолошките работи во 2008/9 година.
Во 2009 конечно беа откриени остатоците од тоа што некогаш било црква – темелите и мал дел од ѕидините. Потоа археолози и други вработени во штипскиот музеј ја доведоа до ниво да може на неа да се изврши санација и конзервација на што со работа ќе се започне кон средината на оваа година.
Заводот и музеј Штип ги извршува завршните фази на Хусамедин пашината џамија во реонот „Св. Илија“ по што ќе се бара инвеститор за нејзина реставрација и конзервација, а потоа таа ќе биде промовирана во уметничка галерија. Музејот е при крај и со изработката на проектор за конзервација и реставрација и на средновековната тврдина „Исар“. (И.Б.)