Европската комисија најави мерки што ќе го налутат Путин


Европската комисија ќе предложи тарифи за руската нафта што сè уште се увезува на европскиот пазар, изјави портпаролот на Комисијата, Олоф Гил.

„Комисијата наскоро ќе излезе со деталите за тој предлог“, рече Гил на конференцијата.

Претседателката на Комисијата во средата, по разговорот со американскиот претседател Доналд Трамп, објави дека ќе предложи тарифи за увоз на руска нафта.

Не станува збор за санкции, за кои е потребна едногласност, туку за трговска мерка за која земјите-членки одлучуваат со квалификувано мнозинство, што го оневозможува вето на одлуката од која било од членовите.

Унгарија и Словачка се единствените земји што сè уште увезуваат нафта од Русија преку нафтоводот Дружба. Тие, како и Чешка, добија ослободување од забраната за увоз на нафта и нафтени деривати како земји без излез на море што не можат да увезуваат нафта од други извори.

Тие земји треба да ја искористат оваа можност и да обезбедат диверзификација на снабдувањето со нафта од други извори, што Чешка го направи во меѓувреме, додека Унгарија и Словачка сè уште не покажуваат намера да одат во таа насока.