Eвропската автомобилска индустрија во големи проблеми, не само од електричните автомобили


Се чини дека ова не се најдобри времиња за автомобилската индустрија, особено за европските производители, кои се соочуваат со огромни притисоци.

Сепак, преминувањето на електромобилност не е единствената причина за падот на профитот. Проблемите се многу подлабоки и поразновидни. Европа, како индустриска локација, со години се бори со предизвиците.

Додека високите профити од кинескиот пазар ги маскираа проблемите, ситуацијата беше затскриена. Сепак, работите се сменија на кинескиот пазар – локалните играчи стануваат помоќни и заземаат поголем дел од пазарот, додека уделот на европските производители опаѓа.

Скапа работа и енергија
Еден од најголемите проблеми е високата цена на производството и огромната работна сила со високи плати.

Производството на возила, како и на компоненти кај добавувачите, особено во Германија, е значително поскапо отколку во другите делови на светот, пишува швајцарски Blick.

Трошоците за плати, пензии и социјални бенефиции можат да бидат одржливи само ако целосно се искористат производствените капацитети, што сè помалку погони успеваат да го постигнат.

Покрај тоа, работниците во автомобилската индустрија заработуваат значително повеќе во споредба со другите сектори. Исто така, европската индустрија се соочува со многукратно повисоки трошоци за енергија отколку во другите региони.

Високи трошоци за развој
Развојот на нови возила, особено на нови механички платформи, бара големи ресурси и долгорочно планирање.

Процесот кој вклучува дизајн, набавка на делови, развој, лансирање на пазарот и обука на дилерите може да чини од две до четири милијарди евра. Само по три до пет години е можно да се оствари профит од таков проект.

Регулаторни притисоци
Сè построгите барања во однос на безбедноста и екологијата дополнително ја комплицираат ситуацијата. Возилата стануваат се поголеми, потешки и поскапи, но не е можно сите овие трошоци да се префрлат на клиентите, бидејќи многу возила би станале неконкурентни на пазарот.

Поради сето ова, европската автомобилска индустрија се соочува со огромни предизвици, од високи трошоци за производство и работна сила до глобална конкуренција и промени во технологијата.

Без сериозни реформи, одржувањето на конкурентноста на светскиот пазар станува сè потешко.