„Европска недела на претприемништво“ – Низа активности за поддршка на малите и средните претпријатија
Од 18 до 24 ноември 2024 година, Агенцијата за поддршка на претприемништвото ќе ја одбележи Европската недела на претприемништвото со богата програма од активности насочени кон едукација и инспирација на младите и претприемачите ширум Македонија. Со организирање на Европската недела на претприемништвото, Агенцијата има за цел да ја подигне свеста за важноста на претприемачкиот дух и да создаде позитивна претприемачка култура.
Во текот на Европската недела на претприемништво, Агенцијата ќе реализира низа активности за поттикнување на претприемачкиот дух. Во рамки на програмата, претставници на Агенцијата, на 15 ноември одржаа успешна средба со учениците од средното училиште „Орце Николов“, при што младите ученици имаа можност да се запознаат со основните принципи на претприемништвото и програмите и мерките кои ги нуди Агенцијата. Во рамките на оваа посета, в.д. Директорот на Агенцијата за поддршка на претприемништвото, Даниела Димовска се сретна со директорот на гимназијата „Орце Николов“, Митко Димовски и тимот професори од училиштето.
Директорката Димовска присуствуваше и на работилницата за млади во циркуларна економија, која ја организираше ЏА Македонија, невладина организација на чело со Извршниот директор Љупка Панчевска, која работи на развој на претприемничкото образование, финансиска писменост и подготовка на младите за работа, (Girls Go Circular), проект развиен од Европскиот институт за информации и технологија и финансиран од Европската Унија. На оваа средба, Димовска и претставниците од Агенцијата за поддршка на претприемништвото ги запознаа професорите и учениците со програмите за работа и обуките кои ги организира Агенцијата.
Во текот на денешниот ден ќе следуваат нови едукативни средби со учениците од средните училишта „Арсени Јовков“ и „Лазар Танев“, а попладнево се предвидени и активности со организациите од невладиниот сектор, кои работат на полето на унапредување на претприемништвото и развојот на малите и средните претпријатија
Како дел од одбележувањето, на 20 ноември, претставници од Агенцијата ќе ги посетат и фирмите „Винарија Чифлик“ од Битола и „СВАРОГ“ од Прилеп, компании кои се и корисници на мерката менторство што ја спроведува Агенцијата со цел да ја истакнат важноста на поддршката за мали и средни претпријатија и да ги охрабрат во нивниот понатамошен развој.
Во рамките на Европската недела на претприемништво, Агенцијата за поддршка на претприемништвото најавува и посебен настан – Mentors Awards 2023, кој ќе се одржи на 21 ноември, а е поддржан од Јапонската Агенција за меѓународна соработка JICA. Овој настан е организиран како дел од програмата на Агенцијата и има за цел да го препознае и награди придонесот на менторите кои со своето искуство и поддршка ги инспирираат младите претприемачи и играат важна улога во нивниот развој и успех.
Агенцијата како државна институција во рамките на своите редовни годишни програмски активности, реализира обуки за претприемачко образование и обуки за бизнис план во сите градови на државата и ги едуцира младите средношколци на вештините за дигитално и зелено претприемништвото, со цел да се поттикне претприемaчкиот дух кај младите генерации, особено преку основање бизниси на млади луѓе кои ќе бидат доволно потковани да се задржат на пазарот трудот, бидејќи тоа е единствениот пат кон конкурентна економија на долг рок. Преку овие активности, Агенцијата континуирано вложува во нови генерации претприемачи и создава платформа за развој на успешни претприемачки приказни кои ќе ја поттикнат економијата и иновациите во Македонија.