Европска комисија: Каталонското прашање е внатрешна работа на Шпанија


Белгија – Европската комисија одби да ја коментира пресудата за приврзаниците за независност на Каталонија, истакнувајќи дека тоа е внатрешна работа на Шпанија.

– Комисијата не ги коментира одлуките на националните судови. Нашата позиција околу оваа тема е добро позната и не е сменета. Тоа е, и продолжува да биде, внатрешна работа на Шпанија, која мора да се реши во согласност со уставниот поредок, изјави Мина Андреева, портпаролка на ЕК.

Шпанскиот Врховен суд вчера осуди девет поранешни каталонски политичари и активисти за човекови права на казни од девет до 13 години затвор поради нивната улога во неуспешното прогласување независност на Каталонија во 2017 година.

Тројца други обвинети се прогласени за виновни само за непослушност и не добија затворски казни.

Шпанската Влада соопшти дека судењето било „фер“ и оти каталонските функционери се осудени поради „кршење на законот“.