Европол: Над еден тон кокаин и три милиони евра запленети во операција против шверц на Балканот


Над еден тон кокаин и три милиони евра се запленети во глобална операција против шверц на Балканот, соопшти Европол.

Криминалната мрежа е осомничена дека внела дрога во Европа од Јужна Америка во текот на оваа година и лани со приватни авиони. Проценките се дека криминалците доставиле и хероин од Макао и Хонг Конг со бродови.

Европол соопшти дека двајца клучни членови на мрежата се уапсени во Швајцарија и во Хрватска. Шеснаесет апсења се извршени во двете држави, како и во Чешка, Србија и во Хонг Конг.

При претрес во Хрватска, Чешка, Србија, Словенија и Швајцарија полицијата запленила не само кокаин, туку и два милиона евра, како и луксузни стоки вредни над милион евра.

Акцијата била координирана од Европол и Федералната управа на САД за контрола над наркотици (ДЕА).