Европа се движи како полжав кон родовата еднаквост
Белгија– Европската Унија се движи како полжав во зголемувањето на родовата еднаквост, покажа најновиот Индекс на родова еднаквост изработен за 2017 година.
Од претходниот во 2015 година, кога индексот бил 66,2 (од 100) поени, во 2017 пораснал на 67,4 поени, но со оглед на тоа дека се мери од 2005 година, а од тогаш пораснал само за 5,4 поени, на конференцијата во Брисел на која беше презентиран последниот Индекс беше речено дека многу бавно напредуваат.
Индексот покажува дека речиси третина од 28-те земји членки добиле повеќе од 70 поени, со тоа што Шведска и Данска се постојано на врвот со 83,6 односно 77,5 поени.
Од друга страна најниско на скалата на Индексот на родова еднаквост се Грција и Унгарија со 51,2 и 51,9 поени.
Сепак, Кипар, Хрватска и Италија имаат најмногу напреднато во последните две години односно од 2015 до 2017, па така Хрватска во овој двегодишен период го зголеми индексот за 1,3 поени, додека во претходната декада тој се зголемил само 0,3 поени.
Литванија и Полска покажаа назадување во последните две години.
Директорката на Европскиот институт за родова еднаквост, Виргиниа Лангбак, во своето излагање порача дека сака индексот да се изработува на една година, а не на две како досега, но со подетални податоци, затоа што смета дека немаат доволно детали по полињата според кои се изработува Индексот.
Образование, здравство, време, заработувачка, работа, како и менаџирањето на времето меѓу работата и животот, насилство и моќ се областите во кои се земаат податоците според кои се изработува Индексот за родова еднаквост. (Б.Б.)