Еврокомесарката Урпилаинен времено се повлече од ЕК за да се кандидира за претседателка на Финска

Брисел – Еврокомесарката за меѓународни партнерства Јута Урпилаинен побара нејзината функција во Европската комисија да се стави во мирување, со цел да може да учествува на претседателските избори во Финска како кандидат на нејзината Социјалдемократска партија (СДП), јави дописникот на МИА од Брисел.
Како што соопшти ЕК, Урпилаинен ја информирала претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен дека е потврдена нејзината кандидатура за претстојните претседателски избори во Финска и побарала неплатено отсуство од 2 декември 2023 година до 28 јануари 2024 година или до 11 февруари, доколку учествува во вториот круг на гласање.
– Претседателката и дозволи неплатено отсуство на комесарката Урпилаинен, нагласувајќи дека во тој период за неа продолжуваат да важат релевантните одредби од Договорите на ЕУ и Кодексот за однесување на членовите на Комисијата, се наведува во соопштението.
За време на периодот на привремено повлекување на Урпилаинен од Еврокомисијата, нејзиниот ресор за меѓународни партнерства, Фон дер Лајен времено му го додели на потпретседателот ЕК за промоција на европскиот начин на живот Маргаритис Схинас.
– За овие привремени измени Комисијата ги информира и Европскиот парламент и Советот на ЕУ, се додава во соопштението.
Урпилаинен е поранешна лидерка на СДП и беше финска вицепремиерка и министерка за финансии во периодот од јуни 2011 до јуни 2014 година. Членка на ЕК е од декември 2019 година.