Евреите порачаа: Обидите да се ревидира историјата на холокаустот во Бугарија се навредливи

Одбележувањето на 80-годишнината од спасувањето на бугарските Евреи за време на Втората светска војна за прв пат по неколку години предизвика жестока дебата меѓу историчарите, еврејските организации и јавните личности во Бугарија. Спорот е околу улогата на Третата бугарска држава во депортацијата на Евреите од Македонија и Беломорска Тракија во пролетта 1943 година. Бугарскиот медиум „Дневник“ ги објави позициите на двете страни – според едната, сегашните владетели должат извинување за испраќањето на речиси 12.000 луѓе во логорите на смртта од окупираните територии и бугарската држава мора да ја признае својата одговорност. Според други, државата со која владеел цар Борис III немала избор и треба да се земе предвид нејзината заслуга за спасување на Евреите во бугарските земји.
Проблемот со истражувањето на фактите и контекстот е искомплициран од фактот што бугарските архиви биле однесени во Москва по 9 септември 1944 година и сè уште не се проучени од историчарите. Сепак, германската архива од тоа време е достапна.
Вчера организацијата на Евреите во Бугарија „Шалом“ излезе со став во кој се изјасни против ревизионизмот и ослободувањето од одговорноста на владетелите на Третата бугарска држава.
„Организацијата на Евреите во Бугарија ‘Шалом’, која ја претставува бугарската еврејска заедница, дел од семејството на Светскиот еврејски конгрес и која е партнер на сите поголеми организации за истражување и сеќавање на холокаустот, е должна во пресрет на 10 март – Ден на спасот на бугарските Евреи и ден на сеќавање на депортираните Евреи од Македонија, Беломорието и Пиротско, да се изјасни:
Ние се сеќаваме, ја почитуваме и ја пренесуваме историјата и тестаментот на достојните Бугари, на Бугарската православна црква, на интелектуалци и јавни личности, меѓу нив и 20 праведници меѓу народите. Нивните постапки доведоа до неверојатни настани пред 80 години.
Но, ние нема да стоиме со скрстени раце околу обидите во последните недели да се промени историјата на холокаустот во Бугарија, така што тешките антисемитски закони и државни мерки на бугарската влада тогаш да се прикажуваат како навидум прифатени, но непостоечки во реалноста. Да не заборавиме дека тоа се закони и прописи кои предизвикаа илјадници луѓе да страдаат за време на холокаустот. Ова е навреда и за споменот на нашите предци, и за заслугите на сите праведни Бугари од тој период, и нема да молчиме пред ваквото запоставување на холокаустот, кој се смета за злосторство во многу земји на европската Унијата. Загрижени сме за институционалната поддршка што ја добиваат овие ревизионисти на историјата и ги повикуваме сите владини институции да се придржуваат до утврдената историска вистина“, стои во реакцијата на бугарската еврејска заедница.