„ЕВН Македонија“ преку проектот „ЛОСТ“ ќе стипендира студенти од семејства со ниски приходи
„ЕВН Македонија“ ја најавува новата програма за стипендии „ЛОСТ“ за која ќе можат да конкурираат студенти со ниски семејни месечни примања запишани на електро-енергетските насоки на некој од електротехничките факултети во земјава.
За поддршка на 10 студенти, кои потекнуваат од семејства со вкупни месечни примања пониски од две минимални плати, во текот на една учебна година, ЕВН ќе одвојува по 8.000 денари месечно и ќе овозможи учење преку работа, менторска поддршка, како и личен и професионален развој.
Можност да добијат стипендија имаат и кандидати кои првпат годинава сакаат да се запишат на факултет. Услов за добивање стипендија ќе биде да бидат примени како студенти на соодветните факултети.
Обврска на стипендистите е редовно да ги полагаат испитите од тековната година.
Сите заинтересирани своите прашања и апликации можат да ги испратат електронски на [email protected] до 30 септември 2020.
Од компанијата најавуваат дека при доделувањето на стипендии ќе се овозможат еднакви можности и правичен третман на сите, без оглед на нивниот пол, религија, национална припадност, раса, вид на попреченост или политичка припадност.
„ЕВН Македонија“ 10 години доделува стипендии за студентите на енергетските насоки на Електротехничките факултети. Досега се доделени 50-ина стипендии, и дел од стипендистите веќе ја развиваат својата професионална кариера во ЕВН. Со овие активности, оценуваат, интересот за насоките кои се поддржани од ЕВН Македонија од година во година е се поголем, а со тоа и бројот на стручни кадри кои се иднината на енергетиката во земјава.