„Евергранде“ во минута до 12 избегна банкрот

Кинеската компанија за недвижности Евергранде успеа да ја плати каматата за обврзницата деноминирана во долари, само еден ден пред истекот на грејс периодот за подмирување на таа обврска.
Тоа му овозможува на кинескиот гигант, барем засега да избегне банкрот, јавуваат кинеските државни медиуми.
Државниот финансиски дневен весник „Секјурити тајмс“ објави дека овој заглавен конгломерат за недвижнини платил 83,5 милиони долари камата на обврзница деноминирана во долари, која достасуваше минатиот месец, пренесува Си-Ен-Ен.
Триесет дневниот грејс период за таа исплата истекуваше во сабота на 23 октомври, а како што наведува Ројтерс, повикувајќи се на неименуван извор, дека Евергранде ги уплатил средствата на сметката на Ситибанк во четвртокот и дека сопствениците на обврзниците парите би требало да ги добијат пред истекот на грејс периодот, пренесува Танјуг.
Евергранде не одговори на барањето за коментар.
Оваа вест донесе одредено олеснување за инвеститорите и аналитичарите кои оваа недела постојано предупредуваа дека компанијата, која сè уште е на работ на колапс, ќе западне во својот прв формален банкрот.
Медиумите од Кина исто така укажуваат дека компанијата прави напори да ги смири инвеститорите. Претходно Евергранде работеше на „расчистување“ на дел од долговите кон домашните кредитори, притоа премолчувајќи ги долговите кон меѓународните инвеститори, што е знак дека приоритет ѝ било прво да ги врати долговите кон домашните инвеститори, оценува Си-Ен-Ен.
Акциите на компанијата пораснаа неколку дена на берзата во Хонг Конг за 4,3 отсто, додека акциите на нејзините единици за управување со средства и за електрични возила зајакнаа за околу 4,0 отсто.