ЕУ за најавените царини од Трамп: Нема да се двоумиме, ќе одговориме


Европската унија ќе одговори на последните најави на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро. Тој за француската телевизија TF1 изјави дека Франција и нејзините европски партнери нема да се двоумат кога станува збор за одбрана на нивните интереси пред заканата од американските царини.

Запрашан дали Франција и ЕУ ќе одговорат, Баро рече: „Се разбира. Трамп веќе го направи тоа во 2018 година и ние одговоривме. Ќе одговориме повторно“.

Европската комисија ќе одлучи за секторите кои ќе бидат засегнати од одговорот, додаде тој.

Комисијата е „подготвена да го повлече чкрапалото кога ќе дојде време. Сега е моментот. Не е во ничиј интерес да започне трговска војна со Европската унија“, рече тој.

Американскиот претседател вчера изјави дека денеска ќе објави нови царини од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум во САД, што ќе биде надополнување на веќе постоечките царини за металите.