ЕУ подготвува нови санкции – на мета руските нафтени гиганти
Земјите од Европската унија се подготвуваат да усвојат нови санкции против руските нафтени компании „Роснефт“, „Транснефт“ и „Гаспромњефт“, но ќе продолжат да купуваат нафта од нив, пишува Ројтерс, повикувајќи се на доверлив извор од ЕУ.
Брисел претходно воведе ограничувања за овие компании во однос на заемите и финансирањето со позајмување. Според новиот пакет мерки, за кој подоцна денеска ќе разговараат највисоките дипломати на ЕУ, „Роснефт“, „Транснефт“ и „Гаспромњефт“ ќе се соочат со забрана за инвестиции, односно замрзнување на нивното финансирање од извори на ЕУ за сите нови производствени и истражувачки проекти за фосилни горива.
Мерките на ЕУ се разликуваат од минатонеделната акција на САД, кои го забранија увозот на нафта од Русија, што веднаш доведе до скок на цените на „црното злато“.
Според новите санкции на ЕУ, „Роснефт“, „Транснефт“ и „Гаспромњефт“ ќе бидат предмет на „забрана за трансакции“ со блокирање на инвестициите и другите трансфери на средства кон нив, додаде неименуван функционер од Брисел.
Ројтерс потсетува дека шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во петокот најави дека ќе предложи широка забрана за нови европски инвестиции во рускиот енергетски сектор, без да прецизира кон кои компании ќе бидат насочени мерките.
„Забраната ќе ги опфати сите инвестиции, трансфери на технологија, финансиски услуги итн., за истражување и производство на енергија“, додаде таа.
Голем број влади на ЕУ побараа од новите санкции да се изземат трансакциите кои им овозможуваат на компаниите од Унијата да плаќаат сметки на големите руски компании и да продолжат да ја купуваат нивната нафта, рече изворот.