ЕУ официјално го назначи Лајчак за специјален претставник за Западен Балкан


Службата за надворешни работи на ЕУ соопшти дека Мирослав Лајчак и официјално е назначен за специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина како и за западниот Балкан.

„Задачата на новиот специјален претставник на ЕУ ќе биде постигнување на целокупна нормализација на односите помеѓу Србија и Косово, да се подобрат соседските односи и помирувањето меѓу партнерите на Западниот Балкан, да им се помогне да го надминат наследството од минатото и да придонесе за конзистентноста и ефикасноста на дејството на ЕУ на западен Балкан“, соопшти службата.

Лајчак започнува веднаш со новите работни задачи, а начелниот мандат му е 12 месеци.

Лајчак не можеше порано да биде назначен затоа што донеодамна беше министер за надворешни работи на Словачка. Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, го предложи Лајчак за оваа функција на почетокот на годинава. Тој предлог дојде откако американскиот Стејт департмент го назначи својот функционер Метју Палмер за специјален претставник за Западен Балкан, а претседателот Доналд Трамп го именува амбасадорот во германија Ричард Гренел за свој претставник околу преговорите меѓу Србија и Косово. Лајчак го заврши откако минатиот месец беше формирана нова влада по изборите. 

Лајчак е професионален дипломат кој беше министер за надворешни работи на Словачка од 2012 до 2020 година и од 2009 до 2010 година. Тој исто така беше и  претседател на Генералното собрание на Обединетите нации од 2017 до 2018 година.

Лајчак го познава регионот, тој беше амбасадор на Словачка во Србија и Црна Гора, по што беше назначен за европски пратеник за референдумот за црногорската независност и ја извршуваше функцијата Висок меѓународен претставник во Босна и Херцеговина. (Н.В.)