ЕУ нити го потврдува, нити демантира или коментира наводниот нон-пејпер на Јанша


 И покрај неколкудневните инсистирања од новинарите во регионот и од ЕУ кај прес службата на претседателот на Европскиот Совет за наводниот нон-пејпер на словенечкиот премиер Јанез Јанша во кој се планира поделба на Босна и Херцеговина и создавање голема Србија и голема Албанија, нема никаква реакција од Шарл Мишел.

Документот денеска го објави словенечки медиум после неколку дена шпекулации за неговото постоење, но бидејќи станува збор за нон-пејпер тој не содржи никаков потпис, ниту име, а нејасно е ниту кога му бил предаден на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.

Словенечкиот премиер Јанез Јанша демантираше дека постои таков документ, но од Европскиот Совет не стигна таков демант, иако не стигна ниту потврда, оставајќи простор за дополнителни шпекулации за овој контроверзен документ.

Во него се споменува наводно поделба на Босна и Херцеговина како и спојување на Косово со Албанија за да се финализира распадот на Југославија.

Словенечки медиуми тврдат дека е можно документот да му бил предаден на Мишел за време на последната средба на Вишеградската група од страна на унгарскиот премиер, Виктор Орбан, за кој, исто така, се шпекулира дека е замешан во овој наводен план.

Последната реакција од кабинетот на Шарл Мишел попладнево до новинарите кусо гласи: “Ви благодариме за трпението, но, за жал, немаме никаков коментар за ова“.

Единствено од Европската комисија неколку пати повторија дека стојат на ставот дека никаква промена на границите не е прифатлива за Западен Балкан.

Словенечките европратенички Тања Фајон и Ирена Јовева порачаа дека овој став на Јанша е неприфатлив.