ЕУ не треба да ви става веќе камења за сопнување, вели австриската министерка Рајсингер

Вие сте делот од кој Европа не може да се откаже, навистина сме сериозни кога велиме дека не сме комплетни без вас, порача денеска шефицата на австриската дипломатија, Беате Мајнл-Рајсингер, на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски.
Австриската министерка нагласи дека Европската унија треба да го поддржи придвижувањето на Македонија и да не поставува нови сопки на патот. Според неа, Македонија направила многу досега на патот кон ЕУ, но дека сепак треба да напарви уште неколку чекори.
„Оваа држава има направено многу. Секако дека сте имале и фрустрирачки моменти на тој пат, процесот е навистина многу долг и ние забележуваме од страна на ЕУ дека имаме обврска да почувствуваат граѓаните на оваа држава дека сме сериозни на овој пат и поради тоа се залагаме за градуелната интеграција во ЕУ и сакаме да почувствувате дека ве поддржуваме. Секако дека Македонија треба да изоди уште неколку чекори, знам дека изодевте долг пат досега, меѓутоа мора да се направат уште неколку работи. Исто така, ЕУ треба да има интерес да го поддржи овој процес, да го забрза, да биде искрена и да не става уште некои камења на сопнување. Долг пат е ова, но е искрена цел за заедничка европска иднина и ние се ќе направиме за да не ви ставаме нови сопки“, рече Мајнл-Рајсингер.
Таа нагласи дека со министерот Муцунски си дале ветување да соработуваат заедно за стабилноста на овој регион.
Планот А е полноправно членство во ЕУ и од тој план државата нема да скршне и нема никаква дилема околу нашата посветеност кон европскиот пат. Меѓутоа, она што го очекуваме од Унијата е предвидливост, односно билатералните прашања да останат билатерални и не прифаќаме решение по секоја цена, порача шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски на заедничката прес-конференција со неговата австриска колешка Беате Мајнл-Рајсингер.
Муцунски на новинарско прашање за пораките од претседателот на Советот на ЕУ Антонио Кошта државава да се фокусира на планот А и оти на средба со претседателката Гордана Сиљановска Давкова кажал дека предлогот уставни измени со одложено дејство е неприфатлив за бугарската страна, повтори дека нашата стратешка цел за полноправно членство во ЕУ, државава постојано ја докажува со конкретни чекори.
– Ние сме прва земја во регионот којашто потпиша Партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ, нешто што сега во актуелниот контекст се покажува како многу значајно. Земја лидер согласно став на високи претставници на ЕУ во делот на имплементација на Реформската агенда која е интегрален дел од Планот за раст. Значи, ние на дело покажуваме дека план А е полноправно членство во ЕУ, рече Муцунски.
Повтори дека како држава од Брисел очекуваме предвидливост и билатералните прашања да останат настрана од процесот на пристапување и оти се во постојана комуникација и со претставници на ЕУ, на змеји-членки, како и со претставници од Бугарија, при што некои средби се формални, а некои се неформални.
– Бараме решение коешто ќе ни обезбеди предвидливост напред кон членството, почит за нашето достоинство и идентитет, очекување дека и земјите членки на ЕУ ќе ги почитуваат оние принципи поврзани со малцински права, коишто очекуваат ние да ги почитуваме. И во тој контекст, доколку сите сме посветени кон европскиот пат, верувам дека секогаш ќе може да се најде рационално решение коешто ќе биде прифатливо не само за нас како Влада, туку и за сите граѓани кои живеат во државава, посочи Муцунски.
Министерот нагласи дека како Влада не се подготвени да прифатат концесии кои државата ќе ја стават повторно во оваа состојба како што е сега.
– Нашата позиција во однос на тоа прашање е кристално јасна, и тука не треба ниту граѓаните да имаат дилема, ниту вие како медиуми. Секогаш ќе има дијалог и секогаш ќе работиме, но ќе повторам нешто што постојано го кажувам – не решение по секоја цена и решенија коишто дополнително ќе биде ризик и камен на сопнување како ова решение од 2022 година што сега на дело се докажува дека е решение кое создава дополнителни проблеми меѓу државите, наместо да биде чекор напред, потенцира Муцунски.