ЕУ може да направи историска грешка на Балканот со Северна Македонија и Албанија


ЕУ не треба да се откаже од Балканот, а неисполнетите ветувања за членство би можеле да ги ослабат умерените и реформски струи во регионот, оцени „Фајненшал Тајмс“.

ЕУ би можела да направи историска грешка на Балканот, бидејќи лидерите на Унијата на самитот во јуни треба да одлучат за пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија. Одлуката треба да биде едногласна, но некои земји како Франција и Холандија одолговлекуваат со следната фаза од проширувањето на Унијата, наведува ФТ.

Французите сакаат ЕУ да се фокусира на своите реформи, јакнењето на еврозоната и избегнување на мерки кои би можеле да ги засилат националистичките и популистички струи. Меѓутоа, тоа би можело да се сврти против Унијата, која смета дека Балканот го држи под контрола.

Британскиот весник како пример го наведува решавањето на спорот меѓу Северна Македонија и Грција, со што Скопје покажа дека се откажува од ултранационализмот на претходниците. Народот на Северна Македонија можеби ќе се запраша дали ЕУ некогаш ќе ја отвори својата врата храбрата дипломатија и вештото управување со националните димензии на конфликтот околу името не бидат наградени со пристапни преговори, наведува весникот.

Таквото доцнење би ги одложило реформите во Северна Македонија, би ја поткопало борбата против корупцијата и организираниот криминал, а тоа би можело да го оживее и македонскиот шовинизам, оценува весникот.

„Ако вратите на ЕУ останат затворени, умерените струи би можеле да бидат дискредитирани. Меѓутоа, постои и опасност вратите да бидат отворени за Северна Македонија, а Албанија да биде оставена уште да чека. Таквата иницијатива би фрлила масло на огнот на паналбанскиот национализам“, наведува ФТ и додава дека би постоел ризик од поексплицитно оживување на идејата за „голема Албанија“.

Британскиот весник во понатамошната анализа смета дека ваквото сценарио дополнително ќе ги наруши напорите за решавање на прашањата меѓу Белград и Приштина и би ги засилило тензиите меѓу Бошњаците, Хрватите и Србите во Босна и Херцеговина.

„Ако се засили регионалната нестабилност поради срамежливоста на ЕУ, тогаш ќе се создаде погодно тло за странско вмешување“, додава весникот наведувајќи ги влијанијата на Русија, Кина и Турција.

Оние кои го критикуваат проширувањето на ЕУ се во право кога велат дека во балканските земји квалитетот на демократија и правната држава се пониски во однос на нормите во ЕУ. Но, довербата на регионот во ЕУ и ентузијазмот на народот за тешките реформи неопходни за членство ќе бидат намалени ако ЕУ на самитот во јуни не упати позитивен сигнал“, додаде британскиот весник.