ЕУ испраќа авиони, хеликоптери и пожарникари во Македонија, Албанија, Италија и во Грција


Пожарите во турција досега зафатија 95.000 хектари
 

Европската комисија денеска објави дека испратила авиони, хеликоптери и противпожарни екипи во Италија, Грција, Албанија и во Северна Македонија за да им помогнат на тие земји да ги изгаснат шумските пожари.

Двајца противпожарни авиони од Франција беа испратени во погодените области во Италија, се вели во соопштението на ЕК. Други два противпожарни авиона од Кипар ѝ помагаат на Грција, а противпожарната бригада го гасне пожарот на земја.

Два хеликоптера беа испратени за помош на операциите во Албанија од страна на Чешка и Холандија, а Словенија испрати тим од 45 пожарникари во Северна Македонија. Помошта е испратена според системот за цивилна заштита на ЕУ и Комисијата сноси најмалку 75 % од трошоците за транспорт.

„Работиме 24 часа на ден за да испратиме помош додека беснеат пожарите во Европа“, коментира еврокомесарот за управување со кризи, Јанез Ленарчиќ, заблагодарувајќи им се на земјите што испратија помош.

„Цивилната заштита на ЕУ осигурува дека нашите механизми за гаснење пожар се користат во потполност. Ова е одличен пример за солидарност на ЕУ кога ќе се појави потреба“, рече тој.

ЕУ оваа недела испрати три противпожарни авиони во Турција, која беше погодена од најтешките пожари во последната деценија. Овие пожари, во кои загинаа осум луѓе, уништија шуми, полиња и населени области по должината на брегот.

Во Грција, која пред една недела беше погодена од најлошиот топлотен бран во последните 30 години, пожарникарите се бореа со повеќе пожари вклучувајќи го и големиот пожар северно од Атина, од кој околу 300 луѓе беа евакуирани во вторникот вечерта. Грчкиот заменик министер за цивилна заштита Никос Хардаљас изјави дека само во изминатото деноноќие избувнале 41 нов пожар во Грција, уништени се десетици домови и автомобили, оштетени се стотици хектари шума и земјоделско земјиште.

– Од синоќа во Грција избувнаа 41 нов пожар. Ситуацијата на местото на големиот пожар во северното атинско предградие Варибоби е значително подобрена, но пожарникарите продолжуваат да работат на локализирање на огнот. Остануваат одделни пожари, но без сериозни проблеми, истакна Хардаљас.

Според првичните проценки, како што наведе грчкиот заменик министер, 1.250 хектари шума и земјоделско земјиште се уништени од пожарот во Варибоби, 76 станбени и 27 деловни објекти се сериозно оштетени, а 18 се делумно. Целосно се изгорени 82 автомобила, а 64 возила се оштетени.Според него, во текот на ноќта биле извршени 71 операција за спасување и евакуација на луѓе од опасната зона, а на вкупно 182 лица им била пружена помош.Хардаљас рече дека 538 луѓе во зоната на огнената стихија одлучиле да ја искористат можноста бесплатно да престојуваат во хотели на сметка на државата.

Грција е зафатена од екстремни горештини. Температурите во многу области достигнуваат од 44 до 47 степени Целзиусови под сенка и овој период, според метеоролозите, ќе трае невообичаено долго време – околу 12 дена.

Во Албанија едно лице го загуби животот во шумски пожар на југот на земјата во вторникот, каде што пожарникарите и армијата се борат со десетици пожари.